Зијадин Села и Зоран Заев утре ќе се сретнат за да и стават крај на дилемата дали Алијансата за Албанците ќе биде дел од Владата или не.

Иако не се соопштува местото каде ќе се сретнат, извори од двете партии потврдуваат дека средбата е предвидена за 14 часот.
Од партијата на Села бараат Министерството за здравство и понатаму да го раководи нивен кадар. Но, СДСМ, по назначувањето на Венко Филипче како предлог за нов министер во овој ресор, го зајакне ставот дека освен Секретаријат за реформи, не може да и понуди друга функција на Алијансата.
Не се исклучува можноста Села да го омекне ставот и да побара други позиции. Од друга страна, ДУИ, освен Арбен Адеми за заменик-министер за образование, се уште не се определила за позицијата министер без ресор за странски инвестиции. Од Владата тврдат дека предлозите за пополнување на празните места, во Собранието ќе бидат поднесени во пакет, а не еден по еден.
Во случај ако има промени во парламентарното мнозинство, сепак од власта се убеден дека имаат доволен број гласови за новите кадри да поминат. Владата смета на двата гласа од ДПА, еден на Весел Мемеди, потоа на поддршка од пратеникот Амди Бајрам и од независниот пратеник, Чедомир Саздовски кој претходно беше од ГРОМ. Како можен датум кога на пленарна седница можат да се стават предлог-имињата на новите функционери се споменува 25 декември./Алсат М