Утре во Собрание ќе се расправа за разрешување на Коцевски

Владата на последната седница усвои предлог за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, по што го достави до Собранието

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Канал 5

На утрешната пленарна собраниска седница се очекува да биде ставен предлогот на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Ова го соопшти претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите.

Тој додаде дека се уште не е пратена покана до Коцевски дека на утрешната седница ќе биде неговото разрешување, но оти би требало да му биде доставена во текот на денов.

До крајот на декември се очекува да се одржат четири пленарни седници. На 23 декември пред пратниците годишно обраќање треба да има претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на 25 декември да се одржи седница за пратенички прашања.

Гаши на средбата со новинарите посочи и дека останува да бидат донесени уште два закона за да се заокружи Реформската агенда, а тоа се Законот за јавни патишта и Законот за Судски совет.

Владата на последната седница усвои предлог за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, по што го достави до Собранието. Портпаролката на Владата, Марија Митева во изјава за медиумите рече дека со предлогот за разрешување на Коцевски од функцијата, Владата ја продолжува постапката која согласно законските ограничувања била привремено стопирана за време на изборниот период.

Собранието на 29 јули, годинава со 71 гласа „за“ и без ниту еден „против“ и „воздржан“ ја прифати интерпелацијата за работата на Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од Левица.

Собранието изгласа и заклучок во кој констатира дека наводите во интерпелацијата за работата на државниот јавен обвинител Коцевски се основани, и кој требаше да се достави до Владата и до државниот јавен обвинител.

Собраниската интерпелација има улога како политички притисок и ја одрази недовербата од страна на пратениците. Но, одлуката за понатамошно разрешување или останување на функцијата зависи од самото обвинителство и Владата.