Увезениот ориз од азиските земји се пакува и се продава како кочански

Овие земји за да ги испразнат силосите го извезуваат овој ориз во земји како Македонија кои имаат послаба инспекциска контрола, изјави за „Локално“ Ѓорѓи Каракашев од Националната земјоделска мрежа

од Vladimir Zorba
89 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Канал 5 ТВ

Откупот на оризот со низа проблеми. Освен доцнењето на жетвата и ниската откупна цена и годинава оризот од азиските земји се меша со домашниот и се продава како кочански. Оризопроизводителите бараат поголема контрола од страна на инспекциските органи за да се заштити брендот кочански ориз, како и повисока откупна цена за да имаат исплатливост на производството. Поради задоцнетата сеидба годинава, тие стравуваат дека дел од оризот нема да се ожнее и ќе остане на полињата.

– И годинава има злоупотреби од страна на трговците и квалитетниот кочански ориз се меша со увезен од азиските земји и се декларира како кочански. Инспекциските органи треба да излезат на терен и да го проверат квалитетот, бидејќи се уништува репутацијата на кочанскиот ориз кој пред две децении е брендиран. Од друга страна, пак оризот што се увезува од земјите од Блискиот Исток кој имаат хиперпродукција со години е стоен во силосите. Овие земји за да ги испразнат силосите го извезуваат овој ориз во земји како Македонија кои имаат послаба инспекциска контрола, изјави за „Локално“ Ѓорѓи Каракашев од Националната земјоделска мрежа.

Ѓорѓи Каракашев; Фото: Јутјуб/Принтскрин/Поткаст

Тој вели дека со години наназад откупната цена на оризовата арпа е многу ниска. Годинава оризот се откупува по цена од 17 денари за килограм што е далеку од производната која изнесува 27 денари за килограм. За да имаат исплатливост на производството оризопроизводителите велат дека откупната цена треба да биде 35 денари за килограм.

-Годинава сеидбата каснеше еден месец поради тоа што не пуштија порано вода и затоа и жетвата касни. Досега има ожнеано само 40 отсто од оризовата арпа. Постои опасност дел од оризот да остане по полињата. Оваа година имаме засадено 4.000 хектари, од минатогодишната реколта имаме уште 10 илјади тони, а најавен е откуп од 2.400 тони за стокови резерви, додава Каракашев.

Тони Максимов, оризопроизводител од Облешево вели дека освен што го мешаат со увезен во пакувањата ставаат многу кршен ориз.

Тони Максимов; Фото: Јутјуб/Принтскрин/Поткаст

-Освен тоа што кочанскиот ориз го мешаат со увезен во пакувањата се става преголема количина на кршен ориз. Порано во еден килограм имаше 7 отсто кршен, денеска никој тоа не го контролира и во еден килограм има и над 30 отсто кршен ориз. Трговците во борбата за профит се служат со разни трикови. Државата требаше да ја заштити кочанската сорта „Андреа„ има добиено признание во Брисел за најквалитетен ориз, вели Максимов за „Локално“.

И тој вели дека и годинава имаат проблем со откупот и оти трговците ги уценуваат и им го откупуваат по цена за пониска класа. Лани производната цена која ја одредува Земјоделскиот институт беше 27 денари, годинава очекуваме да биде најмалку 35 денари за да ги покрие производствените трошоци.

-Кога има нарушување на пазарот, односно ако производствената цена е повисока од откупната државата треба да ја исплати разликата плус 25 отсто заработувачка, бидејќи оризот е стратешка култура. За да има економска оправданост и да оствариме некоја минимална добивка оризот треба да се откупува од 35 до 40 денари за килограм, вели Максимов.

Оризопроизводите бараат наместо субвенции од државата да добијат семенски материјал, нафта и ѓубрива.

Б.С.