Увидот во фабриката „Макпрогрес“ не е започнат бидејќи пожарот не е изгаснат во целост

Јавниот обвинител издава наредби и насоки за други дејствија за целосно испитување на настанот

од Nikola Popovski
22 прегледи

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство од Кочани бил во фабриката „Макпрогрес“ но, како што информира Државното јавно обвинителство, увидот се уште не е почнат бидејќи пожарот не е во целост изгаснат и се уште траат активностите за обезбедување на локацијата.

– Во меѓувреме, јавниот обвинител издава наредби и насоки за други дејствија за целосно испитување на настанот, информираат од Јавното обвинителство.

25 лица побарале лекарска помош во Кочанската болница после пожарот во фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес“ во Виница. 18 од нив се хоспитализирани, од кои четворица пожарникари во Кочанската болница со изгореници, осуммина се на Токсикологија во Скопје и еден во Штипската болница заради вдишување на чад. Директорката на Кочанската болница вели дека сите се во стабилна состојба и со изгореници на стапалата и екстремитетите, спасувајќи го штипскиот пожарникар кој симнувајќи се од кровната конструкција настапнал во врелата смеса од растопениот шеќер.

Осуммината во Скопската клиника се од редот на вработените на возраст од 23 до 53 години, две се жени. Извршени им се сите испитувања и се во добра состојба.

Пожарот кој вчеравечер зафати три погони од фабриката во Виница е под контрола, а во гаснењето учествуваа пожарникари од целиот регион.