Полицијата во Уганда денеска уапси човек кој се обидел да влезе во зградата на парламентот во главниот град, носејќи како подарок отсечена глава на дете.
Полицијата соопштила дека жртвата е дете од околу пет до осум години, без повеќе детали, пренесува АП.
Од Угандската парламентарна гарда, локална група што ги надгледува активностите на законодавниот дом, изјавиле дека грозоморниот пакет требало да биде доставен до канцеларијата на претседателот на парламентот, Ребека Кадага.
Пратениците во моментов разгледуваат закон со кој ќе се предвиди смртна казна за кривично дело човечко жртвување.
Жителите на Уганда го изразија своето незадоволство од инцидентот на социјалните мрежи, а некои истакнаа дека има карактеристики на ритуално убиство. Според полицијата и некои набљудувачки групи, децата често се мета на ваквите убиства низ источноафриканската земја.