Узунов: Германија е наш најголем надворешно-трговски партнер од членките на ЕУ и се очекува дека би имала најголеми негативни ефекти од најавената политика на Трамп

од Nikola Popovski
129 прегледи

Одговорот зависи од тоа до која мерка Трамп ќе ги користи царините што ги најавува во однос на државите членки на ЕУ, вели универзитетскиот професор Ванчо Узунов по најавите на новиот американски претседател за воведување на царини за земјите од европското семејство. Узунов објаснува дека царините претставуваат дополнителна давачка за стоките и услугите што една држава ги увезува од други држави. Со тоа, истакнува тој, увозните стоки и услуги поскапуваат, а домашните стоки и услуги стануваат поконкурентни (бидејќи ќе бидат поевтини) од странските на домашниот пазар.

-Оттука, се очекува дека увозните стоки и услуги ќе се продаваат во помали количини од претходно, што ќе значи дека државите извознички во државата (економијата) што вовела царини ќе имаат пониски стапки на економски пораст. Додека самата држава што вовела царини ќе има повисок пораст и поголеми приходи, а со тоа и поголема благостостојба (повисок животен стандард) на граѓаните. Тоа е класичното објаснување, а често и „оправдување“ на политиката на воведување (нови) царини, вели професорот во разговор за „Локално“.

Сепак, додава соговорникот, едновремено, тоа е и најслабиот аргумент на оправданоста за воведување (нови) царини, бидејќи таа аргументација не е точна. Имено, според Узунов, царините не водат кон пораст на производството на стоки и услуги (што би водело кон реален пораст на благосостојбата на граѓаните). туку, царините всушност водат само кон поинаква (пре)распределба на доходите што се создаваат со меѓународната трговија.

-Така, крајниот ефект од царините е осиромашување на „обичните“ граѓани, како во економијата што вовела (нови) царини (бидејќи граѓаните ке мора да купуваат поскапи, иако домашни производи), така и на граѓаните во државите извознички во таа економија (бидејќи заради помалото производство на извозни производи ќе опаѓаат нивните плати). Нето добитник од воведувањето на (нови) царини се само сопствениците на фирмите во домашната економија, бидејќи нивните фирми ќе продаваат повеќе стоки и услуги, за сметка на опаѓањето на продажбата на увозни стоки и услуги. И токму затоа светската политика во последните скоро осум децении беше континуиран напор за надворешно-трговска либерализација, т.е. за елиминирање и на царините и на таканаречените нецарински бариери.

Во таа смисла, политиката што ја најавува Трамп, значи „враќање назад“ на состојбата со светската меѓународна трговија, на состојбата што беше карактеристична пред повеќе децении. Но, мислам дека Трамп наведеното воведување (нови) царини всушност го користи како „закана“, за да ги принуди државите надворешно-трговски партнери на САД почнат да купуваат (увезуваат) повеќе стоки и услуги од САД, со што САД би имале повисок економски пораст. Затоа, како што реков, останува да видиме до која мерка Трамп ќе го користи тој инструмент на воведување (нови) царини, оценува експертот по економија.

Узунов објаснува дека ако САД воведат нови царини, за европските држави тоа ќе биде негативно – европскиот економски пораст ќе биде погоден негативно, особено на краток и среден рок. Не еднакво на сите европски држави, не еднакво за сите видови европски извозни стоки и услуги, но, во целина влијанието ќе биде нагативно.

-Европа ќе има понизок економски пораст од потенцијалниот. Меѓутоа, бидејќи и европските држави секако ќе преземат „контра мерки“, негативен ефект ќе почувствуваат и САД, и сето тоа не ветува ништо добро, ако навистина почне да се случува, дециден е професорот.

Според Узунов, не може веднаш и со сигурност да се каже каков ќе биде нето ефектот врз трговскиот дефицит меѓу ЕУ и САД. Начелно, ако заради новите царини, опадне извозот на стоки и услуги од ЕУ во САД, надворешно-трговскиот дефицит на САД кон ЕУ би се намалил.

-Ама, по цена на осиромашување на („обичните“) граѓани и на САД. Дали е тоа пожелно за самите граѓани на САД? Јас не би се сложил. Истиот ефект ќе следи и за граѓаните во Европа. Но, ќе видиме што ќе се случува.

И, ако забележувате, на ниедно прашање од тие што ги дебатираме всушност нема дефинитивен одговор, а тоа е дополнителниот проблем со оваа „нова“ надворешно-трговска политика на САД – создава неизвесност! Неизвесноста е многу неповолна за економските текови (економијата ја движат очекувањата, а неизвесноста нив ги уништува), но Трамп токму таа неизвесност ја користи како свој силен инструмент на политиката. Според моето лично мислење, тоа е многу лош начин на водење политика, но е и легитимен, особено кога некој политичар ќе добие избори, тврди професорот.

Во однос на дилемата за македонската економија и дали евентуалните царини ќе влијаат врз домашниот пазар, експертот наведува дека ефектите од оваа политика на Трамп врз Македонија ќе влијаат странично – ние немаме значаен извоз во САД што би се намалил заради (нови) царини, туку негативниот ефект за нас ќе дојде преку намалувањето (ослабувањето) на економската активност во државите членки на ЕУ.

-Особено на Германија, која е наш убедливо најголем надворешно-трговски партнер од државите членки на ЕУ, а се очекува дека токму Германија би имала најголеми негативни ефекти од оваа најавена политика на Трамп, дециден е Узунов.

Запрашан дали ова однесување е почеток на некаков вид на преговори со сојузниците за враќање на Америка на позицијата светски економски лидер, професорот тврди дека САД се уште се светски економски лидер. Секако Кина се наметнува сé повеќе, но, според него, сé уште е далеку зад САД, особено во смисла на технолошки напредок.

-Кина извезува огромни и сé поголеми количини заради ниските цени на извозните стоки и услуги, а не заради нивен квалитет. Оттука, царините не би можеле да ја враќаат САД на позицијата светски економски лидер. Видете, ако царините беа начин за постигнување побрз економски развој, во светот ќе немаше сиромашна држава. Царините значат само поинаков начин на (пре)распределба на добивките, а не развој. Така што, тие треба да се елиминираат, а не да се воведуваат. Но, не сите политичари мислат така. И затоа ние сега имаме една изгледна нова реалност во оваа смисла, анализира проф. Узунов, согласувајќи се дека политиката „трговска војна против сите“ е погубна на среден и долг рок, пред се за Американците. Оттаму, смета дека „трговска војна против сите“ нема да гледаме, но, некакви „трговски војни“ е многу реално ќе гледаме.

Професорот нема одговор на прашањето зошто Трамп воведе царини за сите освен за Русија, со оглед на војната со Украина. Се сомнева дека и самиот американски претседател можеби нема одговор.

-А, може утре да му текне да воведе царини особено кон Русија. Веќе реков, создавањето неизвесност и несигурност Трамп го користи како силен инструмент на водењето политика. Ова е дел од таа „тактика“, заклучува Узунов.

Откако новиот шеф на Белата куќа најави царини за ЕУ од први февруари, францускиот претседател вели дека Европа мора да се стави себеси на прво место, да ги зголеми инвестициите во одбраната со цел да се намали зависноста од САД.

-Откако новата администрација во САД ја презеде функцијата, повеќе од кога и да е, Европејците, а со тоа и нашите две земји, треба да ја одиграат својата улога во консолидирање на обединета, силна и суверена Европа, изјави фрранцускиот претседател Емануел Макрон.

Вашингтон и Брисел се стратешки партнери, но новата администрација е предизвик, став на германскиот канцелар.

-Нашиот став е јасен. Европа е голема економска област со околу 450 милиони граѓани. Ние сме силни и стоиме заедно. Европа нема да се крие, туку ќе биде конструктивен и самоуверен партнер. На оваа основа, ќе работиме заедно со САД и со новиот американски претседател, изјави германскиот канцелар, Олаф Шолц.

Во меѓувреме, генералниот секретар на НАТО, Руте, ја потврди потребата да се засили поддршката за Украина. Брисел најави нова финансиска помош од 35 милијарди евра. Американскиот претседател Трамп го повика рускиот колега Путин да стави крај на војната во Украина или да се соочи со нови санкции.

-Решете се сега и СТОП за оваа смешна војна. Ако не направиме „договор“ наскоро, немам друг избор освен да ставам високи даноци, тарифи и санкции за се што се продава од Русија во Соединетите Држави и други земји. Да ја завршиме оваа војна, која никогаш немаше да почне ако бев претседател!, порача Трамп.

Според податоците на Европската комисија, во 2023 ЕУ извезла стоки од 502 милијарди евра во САД, а увозот од САД бил над 340 милијарди евра, што резултирало со суфицит.

Н.П.

Слични содржини