Узунов за „Локално“: Замрзнувањето на цените не е соодветна мерка за заштита на стандардот на оние коишто живеат со минимална или просечна плата

од Vladimir Zorba
674 прегледи

Замрзнувањето на цените на производите колку и да изгледа привлечно и за јавноста и за  дел од експертите, не e соодветна мерка која едновремено ќе влијае на заштита на животниот стандард на граѓаните и за смирување на инфлацијата. Напротив ваквата мерка според професорот Ванчо Узунов уште повеќе ги погодува луѓето кои живеат со минимална или просечна плата.

Тоа не значи дека се непотребни, вели тој во интервју за „Локално“, туку дека треба строго и јасно разграничување на мерките во ситуација кога токму во време на висока инфлација има граѓани кои остваруваат екстра профити, социјално заштитните мерки, економски гледано делуваат про-инфлаторно.

„Треба веќе еднаш да запамтиме дека цените НЕ се инструмент на социјалната политика. Тоа е факт. Бидејќи, кога се замрзнуваат цените, ефектот на „заштита“ е поголем за богатите граѓани, а помал за ранливите категории на граѓани. Кого сакаме да штитиме?! Богатите или ранливите? Од друга страна, замрзнувањето на цените, по правило, води кон недостаток на понуда, како и до појава на сива економија што всушност значи помала заштита на ранливите во однос на богатите граѓани. Затоа, мерката на замрзнување на цените е несоодветна, и може да се превзема само во случаи на енормна инфлација“, вели Узунов.

Антиинфлаторните мерки што се преземаат, според него досега делуваат но очигледно не доволно. Многу посоодветни во борба со инфлацијата вели се прогресивните даноци познати како „автоматски стабилизатори“.

„Е, ние не сакавме такви даноци и таков даночен систем, мислам тоа одбивање беше од страна на многу голем број на граѓани, па сега си немаме таков вид на стабилизатори. И ќе зборуваме за други мерки, замрзнување на цени, помош од владата за разни работи и тн., и ќе се чудиме што нé има снајдено“, забележува тој.

Поинаков пристап кон работите Узунов има и во однос на пресметките на ССМ според коi потрошувачката кошничка достигна 51 000 денари. Ваквите бројки вели тој се повеќе „синдикално-политички“, или „синдикално-популистички“, отколку што се „синдикално-заштитнички па оттаму е и нелогичноста на предлогот на ССМ , да се покачат платите.

„Па дури тогаш инфлацијата ќе скокне до небо, и граѓаните ќе се најдат во уште потешка ситуација. Бидејќи, тоа се знае и од праксата, не само од теорија, во трката меѓу цените и платите, платите губат секогаш! Цените растат многу побрзо од платите. Покрај тоа, ако се покачат платите со одлука на влада, а не со реално покачување на продуктивноста, многу работници ќе ги изгубат и тие работни места што ги имаат во моментот. Така што, тоа не е решение на проблемот, напротив, тоа ќе значи долевање масло на оганот“,објаснува Узунов..

Податокот според кој инфлацијата во Македонија достигна неверојатни  19.8%  во месец Октомври само ја потврди состојбата на терен каде поскапувањата се речиси секојдневни. Од тука произлегува дилемата зошто антикризните мерки не делуваат во насока на заштита на граѓаните и има ли нешто што треба дополнително да се стори за да се стопира растот на цените?

-Прво, морам да го искоментирам зборот „неверојатни“ пред бројката за 19,8% инфлација. Новинарите многу милуваат да ставаат епитети пред бројки, но со тоа ништо не кажуваат, само му даваат на текстот привидна драматичност. Бројката е фактичка состојба, а да беше таа неверојатна, немаше да се случи. Затоа, тоа за една економска анализа нема апсолутно никакво значење, и всушност пречи.

Второ, во однос на прашањето/дилемата дали и зошто антикризните мерки не делуваат во насока на заштита на граѓаните, работите стојат вака. Анти-инфлаторни мерки не се носат за заштита на граѓаните, туку за смирување (намалување) на инфлација. Во таа смисла, тука поимот граѓани е преширок – суштинското прашање е, кој дел од граѓаните треба да се штити? Треба да се штитат сите граѓани, или оние кои се во инфериорна положба на пазарот? Бидејќи, има граѓани кои при инфлација, некои пак токму во време на инфлација, заработуваат екстр апрофити! Затоа, кога се зборува за анти-инфлаторни мерки, тоа се однесува на смирувањето на инфлацијата (општиот пораст на цените), додека мерките од социјална природа, кои што се наменети за заштита (на животниот стандард) на дел од граѓаните, тоа се социјално-заштитни мерки, и во основа, тие не се анти-инфлаторни мерки. Напротив, строго економски гледано, тие мерки делуваат дури и про-инфлаторно. Тоа не значи дека се непотребни, туку е потребно строго и јасно разграничување на анти-инфлаторни од социјално-заштитни мерки. Затоа јас тука инсистирам на ова искажување.

Ќе го објаснам ова и на друг начин и малку пошироко. Имено, во јавноста често (но лаички) се мисли, а тоа се кажува и од страна на некои „експерти“, дека замрзнувањето на цените е мерка која што едновремено делува и на смирување на инфлацијата, и на заштита на стандардот на граѓаните. Буквално како „две во едно“! Меѓутоа, тоа, за жал, не е точно. Прво, треба веќе еднаш да запамтиме (или конечно да научиме), дека цените НЕ се инструмент на социјалната политика. Тоа е факт. Бидејќи, кога се замрзнуваат цените, ефектот на „заштита“ е поголем за богатите граѓани, а помал за ранливите категории на граѓани. Кого сакаме да штитиме? Богатите, или ранливите?Од друга страна, гледано и како можна анти-инфлаторна мерка, замрзнувањето на цените, по правило, води кон недостаток на понуда, како и до појава на сива економија (кога нема некои производи на „официјалниот пазар“, тие производи ги има на „неформалниот пазар“, или „под тезга“, но, се разбира, по повисоки цени), што пак всушност значи помала заштита на ранливите во однос на богатите граѓани. Затоа, мерката на замрзнување на цените е несоодветна, и може да се превзема само во случаи на енормна инфлација. До тоа не сме стигнале, и подобро да не стигнеме. А, социјална политика се води со мерки на социјалната политика: разни видови на социјални додатоци, социјални бенефиции, трансфери и сл., кои што треба да бидат наменети СТРОГО И САМО за ранливите категории на граѓани (така наречените социјални случаи), додека анти-инфлаторна политика, пак, се води со мерки и инструменти пред сé на монетарната политика (има повеќе видови, но тука не спаѓаат цените), и во комбинација со мерки на фискалната политика.

Кога сме веќе кај мерките од фискална природа, ајде тука да го поставиме и прашањето: зошто ние немаме така наречено прогресивно оданочување (кај даноците на приходи)? Прогресивните даноци, меѓу останатото, се нарекуваат и „автоматски стабилизатори“, при што се мисли на автоматски стабилизатори токму во однос на про-инфлаторните дестабилизации. Е, ние не сакавме такви даноци и таков даночен систем, мислам тоа одбивање беше од страна на многу голем број на граѓани, па сега си немаме таков вид на стабилизатори. И ќе зборуваме за други мерки, замрзнување на цени, помош од владата за разни работи и тн., и ќе се чудиме што нé има снајдено.

Да завршам за прашањето: анти-инфлаторните мерки што се превземени (употребени) кај нас досега делуваат, но очигледно не доволно. Оттука, точно е дека има што да се стори дополнително за стопирање на растот на цените. Тоа ќе значи зголемување на каматите, односно ќе значи „поскапување на парите“, ама тоа е очигледно неизбежно. Ние во таа смисла досега бевме внимателни, меѓутоа, ефектите кажуваат дека така нема да може да поминеме. А во однос на социјално-заштитните мерки што вообичаено се употребуваат кај нас, и тие имаат одреден придонес кон заштита на ранливите категории граѓани, но и тука во иднина ќе треба да има повеќе мерки, или мерки со поголема (финансиска) издашност. Но, ќе повторам, само за ранливите категории на граѓани, а сите останати ќе мора да ја платат цената на оваа криза. Она што ни останува, е да се надеваме дека таа цена сепак нема да биде преголема. Тоа е суштинскиот одговор на вашето прашање, и знам дека не е пријатен, но кога се зборува за криза, едноставно не постои убав и пријатен одговор.

Македонија немала двоцифрена инфлација од 1996 година до годинава. Дали причината е во фактот дека посточеката криза е најголемата досега, или пак удел има и тоа колку е нашата економија отпорна на удари од ваков тип?

-И двете дилеми се точни – дека оваа криза е веројатно најголемата досега (во периодот по 1996 година), како и дека нашата економија е помалку отпорна на ваков тип на кризи. Во таа смисла, битна е всушност природата на кризата, односно, природата на најбитниотфактор (предизвикувач) на инфлацијата. Прво, што и да зборуваат некои „експерти“, неспорен факт е дека инфлацијата кај нас е увезена. Но, тоа не е олеснителна околност, напротив, тоа е отежнувачка околност на кризата. Верувајте, состојбата ќе беше многу полесна за решавање доколку оваа криза (инфлација) беше резултат на грешка (само) на домашната економска политика. Тоа ќе го решевме лесно, а вака имаме многу поголем проблем.

Тука се надоврзува вториот дел од прашањето, за „отпорноста“ на нашата економија на ваков тип кризи. Најголем дел од инфлаторниот удар кај нас го предизвикува порастот на светските цени на енергијата, а потоа и порастот на светските цени на храната. Ние сме мала и отворена и увозно-зависна економија, па светските и континенталните трендови кај нас се пренесуваат директно и многу брзо. Домашна енергија, односно енергенси, имаме многу малку, па всушност не можеме да го запреме, или „заобиколиме“ трендот во однос на цените на енергенсите што се одвива во меѓународното опкружување. Тогаш кога порастот на цените на енергенсите во светот и нашиот континент ќе се смири, тоа кај нас ќе дојде како позитивен импулс, но до тогаш, не можеме да направиме многу.

Во однос на цените на храната, тука отпорноста на нашата економија исто така е релативно ниска. Имено, иако сме, начелно, поднебје поволно за производство на земјоделски производи (храна), со текот на многу години ние сме станале релативно големи увозници на храна, па сега ја плаќаме дополнителната цена на несоодветните, или подобро речено непостојните, така наречени структурни промени на нашата економија. Наместо да бидеме (да станевме) големи извозници на храна (земјоделски производи), зашто начелно имаме добри предуслови, и тогаш всушност дури и ќе се радувавме на порастот на цените на храната во светот – бидејќи од извозот ќе заработувавме екстра заработки – ние сега имаме проблем за справување со сé повисоките цени на увозната храна. Тоа е реалноста, а сега треба да видиме како полесно да се справиме со неа.

Од друга страна, владата ја оцени како одлична динамиката на полнење на буџетот. Оттука ,се поставува прашањето, зошто тогаш имаме толку висока инфлација?

-Ова прашање за мене нема логика. Тоа не се спротивставени работи, туку баш каузално (причинско-последично) поврзани работи.

Имено, буџетот се полни добро (или одлично), меѓу останатото бидејќи имаме висока инфлација. Од една страна, растат цените во продажбата на стоки и услуги на мало (тоа е класичната дефиниција за инфлација!). Од друга страна, најиздашен извор за полнење на буџетот кај нас се таканаречените индиректни даноци (данокот на додадена вредност и акцизите), кои што се наплаќаат како процент од продажните цени на мало.Оттука следи, дека сé поголемите цени на мало автоматски значат сé поголеми приходи на буџетот од ДДВ и акцизи. Уште повеќе, бидејќи енергенските и храната, по својата природа, се производи со релативно ниска ценовна еластичност на побарувачката (што значи дека, кога расте цената, побарувачката за таквите производи не се намалува пропорционално, туку многу помалку), следи дека инфлацијата претставува дополнителен приход за буџетот (се разбира, во номинален износ, додека реалната куповна моќ и на тие пари опаѓа пропорционално на порастот на инфлацијата).

Јас тука пак ќе го вратам назад уште еднаш прашањето на нашиот даночен систем и проблемите со оваа криза. Имено, кај нас, меѓу сите видови на даноци, убедливо најиздашен приход за буџетот се даноците на промет (ДДВ и акцизи), кои што едновремено и по дефиниција се „рамни даноци“, односно не сесоцијално (платежно) прилагодени на одделни категории на граѓани, додека даноците на приходи (приходи на граѓаните и на деловните субјекти/фирмите) се многу помалку издашни полначи на буџетот, и едновремено се истотака „рамни даноци“, односно се со еднаква стапка за сите граѓани и фирми. И сега ние се чудиме зошто ни е многу тешко да воспоставиме социјална праведност во справувањето со товарот на кризата, како да се олесни товарот на кризата за ранливите категории на граѓани, и зошти инфлацијата го полнела буџетот. А што друго требаше да очекуваме со ваков даночен систем?

Како ги коментирате обвинувањата на дел од јавноста дека Македонија има највисока стапка на инфлација во регионот како директна последица на несоодветни економски политики?Дали споредбите со другите земји во постоечките услови е оправдана?

-Споредбите со други држави се добра работа, особено кога нешто се однесува на сите држави едновремено, но тоа треба да се прави со земање во предвид на повеќе аспекти, а не само на еден. Начелно, согласно официјалните податоци, точно е дека ние имаме највисока инфлација во регионот, иако таа е за многу малку повисока. Меѓутоа, тоа е само дел од анализата, всушност, тоа и не е анализа, туку е констатација. За подетална анализа треба да се видат, прво, структурните карактеристики на сите економии, бидејќи тоа има влијание врз справувањето со кризата; потоа, состојбата со енергенсите и начинот на набавка на енергенси во секоја економија; потоа, буџетските и платно-билансните дефицити на сите држави; увозната зависност од храна; и уште повеќе други податоци, па потоа ќе може да се извлече соодветен заклучок за тоа колку добро или лошо се справува со инфлацијата секоја држава во регионот, или пошироко. Ако се остане само на една бројка и таа се земе како „доказ“ дека нешто е добро, или не е добро, единственото нешто што се докажува со тоа, е големо и елементарно незнаење (на економија). Или, можеби злонамерност, ама ајде тоа да го оставиме настрана. Јас не велам дека ситуацијата кај нас е најдобра, ниту најлоша, само дека констатацијата изведена на таков начин е незнаење. А каква е состојбата во однос на тоа кој (нај)добро се снаоѓа со инфлацијата, тое е друга работа.

Синдикатот пресмета дека за основни животни потреби на едно четиричлено семејство му се потребни над 51 000 денари или 17 000 денари повеќе од истиот период лани а просечната плата пораснала за едвај 2726 денари.Што значи тоа за македонскиот работник кој живее со минимална или просечна плата?

-За мене таквата анализа на синдикатот е повеќе „синдикално-политичка“, или „синдикално-популистичка“, отколку што е „синдикално-заштитничка“. Ќе прашате, зошто? Прво, таа калкулација за цената на чинење на основните животни потреби на четиричлено семејство е дискутабилна, бидејќи основните животни потреби зависат од многу работи (стил на живеење, место на живеење, навики и тн.), а не само од цените на некои добра и услуги во даден момент. Од друга страна, животниот стандард многу често не зависи само од приходите од плати, туку од сите видови на приходи во рамки на едно семејство, односно домаќинство. Затоа, не може туку-така да се изедначуваат сите граѓани од аспект на висината на платата ставена во однос на цената на основните животни потреби.

Но, ајде да земеме дека калкулацијата на синдикатот е точна, и дека животот на работник со минимална или просечна плата е многу тежок. И сега, што? Кое е решението, или предлогот на синдикатот? Да се покачат платите? Па дури тогаш инфлацијата ќе скокне до небо, и граѓаните ќе се најдат во уште потешка ситуација. Бидејќи, тоа се знае и од праксата, не само од теорија, во трката меѓу цените и платите, платите губат секогаш! Цените растат многу побрзо од платите. Покрај тоа, ако се покачат платите на административен начин (со одлука на влада), а не со реално покачување на продуктивноста, многу работници ќе ги изгубат и тие работни места што ги имаат во моментот. Така што, тоа не е решение на проблемот, напротив, тоа ќе значи долевање масло на оганот.Од друга страна, за замрзнувањето на цените како можна мерка, веќе претходно кажав дека и тоа не е соодветна мерка за заштита на животниот стандард на оние кои што живеат со минимална или просечна плата. Супер е што синдикатот си прави свои анализи и слично, ама решението е многу посложено.

До кога животот ќе биде од скап – поскап? Има ли надеж дека од следната 2023 инфлацијата ќе влезе во помирни води?

-До кога точно ќе трае оваа кризна состојба не може да каже со сигурност никој, бидејќи никој всушност не знае до кога ќе траат причинителите (факторите) на таквата состојба. Ние не ги создадовме тие причинители на кризата, ама тоа не нé ослободува од неа. Ќе си ја платиме цената, сакале или не.

За идната година – да се надеваме дека ќе биде полесна, ама лично не сум убеден во тоа. Воопшто не сум убеден, напротив, може лесно да биде и полошо. Затоа, решенија треба да се бараат на подолг рок, а во меѓувреме, со штедење, домаќинско однесување и слично, да се ублажува состојбата, пред сé на ниво на семејство, а потоа и на ниво на државата.

К.В.С.

Слични содржини