„Вабтек“ веќе 16 години работи во Македонија, велат од СДСМ откако Мицкоски ја најави како нова странска инвестиција

од Nikola Popovski
47 прегледи

СДСМ ја обвинува новата Влада дека манипулира во однос на последната најавена странска инвестиција од САД. Според партијата на Венко Филипче, „наводно новата инвестиција на премиерот Христијан Мицкоски е компанија која 16 години веќе работи во Македонија“.

-Станува збор за барање на компанијата Вабтек за проширување на операциите во државата. За ова нивно барање се водеше постапка одамна во рамки на институциите кај нас при што заради негативно мислење на Комисијата за заштита на конкуренција тоа не се реализираше. Во рамки на овој процес имаше и судска постапка, посочуваат од СДСМ.

Според нив, ВМРО-ДПМНЕ изгледа смешно и наивно со своите промоции.

-Во отсуство на реална и сериозна дипломатска агенда на Самитот на НАТО, Мицкоски ја замајува јавноста со лажни ПР промоции. И кога веќе е решен да манипулира, го повикуваме исто така да ги објави условите под кои ќе го проширува производството компанијата Вабтек и што точно е договорено со компанијата, додаваат од „Бихаќка“.

Американската компанија „Вабтек“ ќе инвестира во Македонија, најави премиерот Христијан Мицкоски во објава на својот Фејсбук-профил. Мицкоски, кој со уште тројца министри е во повеќедневна посета на САД, каде што од утре до четврток ќе учествуваат на Самитот на НАТО, во објавата вели дека ова е одлична вест.

Се огласи и поранешниот прв човек на ТИРЗ, Јован Деспотовски. Тој истакна дека компанијата веќе вработува над 350 наши сограѓани.

-Се боревме заеднички со предизвиците од различни институции. Институции и политичари кои заборавија дека работат за интересите на државата и граѓаните. Се боревме и на суд, каде добивме заедно со компанијата. Одлуката сè уште не е спроведена. Сепак, добро е што овие предизвици се сега минато, потенцира екс-директорот и додава дека затоа заслужува да се поздрави решеноста на Владата „да пресече“ и оваа инвестиција која е важна за сите граѓани да се случи.

Изминатите две недели, премиерот Мицкоски веќе презентираше две инвестиции. Првата беше онаа на инвестицискиот фонд Алказар Енерџи вредна 500 милиони евра кој треба да гради ветерен парк, а втората е инвестицијата на германско-белгиската компанија Епсотех Аим во скопски Петровец од 20 милиони евра.

Слични содржини