„Вагнер“ го проширува регрутирањето низ цела Русија

од Nikola Popovski

Шефот на руската паравоена група „Вагнер“ вчера објави дека групата отворила 58 центри за регрутирање во 42 руски града, пренесува Франс прес.

„Таму пристигнуваат нови борци, тие ќе ни се придружат за да ја бранат својата земја и нивните семејства“, рече Евгениј Пригожин, а пренесе неговата прес-служба „Конкорд“ преку „Телеграм“.

Соопштението е објавено во време кога групата „Вагнер“ претрпува големи загуби во повеќемесечните борби околу Бахмут, град во украинскиот Донбас кој стана епицентар на борбите со украинската армија. Пригожин постојано се жалеше дека повеќе не може да ги регрутира своите борци од руските затвори, од каде групата „Вагнер“ примаше затвореници во замена за намалена казна. Ја смени тактиката и неодамна се сврте кон теретаните и спортските сали, каде што отвора центри за регрутирање за да привлече потенцијални регрути.

Кон неговата порака беше прикачен список на центри за регрутирање, од кои повеќето се во спортски сали или клубови за боречки вештини.

Во последните недели на виделина излегоа тензиите меѓу Генералштабот на руската армија и шефот на групата „Вагнер“. Пригожин постојано ја критикуваше руската воена хиерархија, укажувајќи на нејзината неефикасност, бавност и лоши одлуки во Украина. Тој ги обвини руските власти дека не ја обезбедуваат потребната муниција на неговите луѓе, а министерот за одбрана и шефот на армијата дека сакаат да ја уништат неговата група.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека и покрај „пропагандните текови на омраза и перење мозоци на украинското население“, односите меѓу Русија и Украина во иднина се неизбежни. Со тие зборови тој реагираше на неодамнешната изјава на секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина Олексеј Данилов, пренесува РИА Новости. Данилов рече дека се повеќе Украинци, вклучително и оние кои живеат во западните региони на земјата, се за мировни преговори со Русија, што според него е „опасен тренд“.

Слични содржини