Франција официјално ќе ја признае палестинската држава во септември, објави синоќа претседателот Емануел Макрон. Палестинските претставници ја поздравија одлуката, но израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека со тоа се „наградува терор“, а американскиот државен секретар Марко Рубио кажа дека потегот е „неразумен“. „Оваа непромислена одлука служи само за пропаганда на Хамас и го забавува мирот“, напиша Рубио во објава на социјалната мрежа „X“. Амбасадорот на САД во Израел, Мајк Хакаби, претходно во јуни изјави дека не мисли дека независна палестинска држава останува цел на надворешната политика на САД.
Макрон вели дека тој и другите имаат обврска да покажат дека мирот е можен и дека „поитен приоритет денес“ е прекинување на војната и обезбедување помош за народот во Газа. Сепак, исто така во четвртокоф, израелските и американските преговарачи одлучија да ги напуштат разговорите за прекин на огнот во Газа во Катар, при што Вашингтон го обвини Хамас дека „не дејствува со добра намера“. Од друга страна, Хамас тврди дека е изненаден од тврдењето, а израелски извор инсистирал дека не дошло до „колапс“ во преговорите.
Што би значело за светот, а што за Израел – француското признавање на Палестина?
Во кратка анализа за „Локално“, Сем Вакнин, израелски аналитичар и поранешен советник во Владата во времето на владењеето на екс-премиерот Никола Груевски, смета дека ништо особено не би се случило. Според него, неизбежно е палестинската држава на крајот да биде признаена, дури и од САД по крајот на владеењето на Доналд Трамп.
-Многу меѓународни организации и 147 од 193 членки на ОН веќе ја признаваат. Повеќе земји и територии ја признаваат Палестина отколку што го признаваат Косово. Француското признавање е симболичен укор кон режимот на Нетанјаху и неговата брутална политика врз Палестинците. Тоа е обид да се започне решението со две држави. Повеќето земји од ЕУ, можеби со исклучок на Германија и Унгарија, веќе ја признаа Палестина или наскоро ќе го следат примерот, истакнува Вакнин.
Запрашан дали се очекува некаква реакција од израелскиот премиерот, соговорникот оценува дека францускиот гест е подарок за Нетанјаху – се потврдува неговата теза, која ја делат мнозинството Израелци по 7 октомври, дека светот е спремен да ги уништи Израел и Евреите и да наметне опасно по живот еднострано решение за еврејската држава.
-Тоа ќе им овозможи на Нетанјаху и на неговите крајно десничарски поддржувачи да ја консолидираат власта, да ја погазат опозицијата и граѓанските и човековите права и да ја мобилизираат базата за да се осигурат дека решението за две држави ќе стане неизводливо (на пример, со зголемување на темпото и обемот на населбите и живеалиштата на Западниот Брег), посочува Вакнин.
САД под водство на Трамп, додава аналитичарот, веќе користат кампања против антисемитизмот за да ги задушат несогласувањата на домашно тло. Според Вакнин, француската грандиозност ќе го легитимизира дистанцирањето на САД од ЕУ и понатамошните воени и геополитички напори за да го направат Блискиот Исток американски под Пакс Американа со Израел како ексклузивен регионален хегемон.
-На крајот, оваа стратегија ќе ги вовлече Турција, Египет, земјите од Заливот и Саудиска Арабија во играта, создавајќи антиамерикански табор спротивставен на произраелски сојуз. Работите ќе станат грди побрзо отколку што очекуваме, анализира Вакнин.

Појасот Газа
Во меѓувреме, хуманитарните услови во Газа продолжуваат брзо да се влошуваат. Агенцијата на ОН за помош на бегалците во Палестина (UNRVA) предупредува дека едно од пет деца во градот Газа, на северот од територијата, е неухрането и дека бројот на случаи се зголемува секој ден. Во последните четири дена, најмалку 45 лица починаа од глад. ОН и хуманитарните организации ја обвинуваат израелската блокада за недостатокот на храна.
Медицинската организација за помош наведува дека „стапките на тешка неухранетост кај децата под петгодишна возраст се зголемија за трипати во последните две недели“.
Израел и Хамас се обвинуваат меѓусебно за ситуацијата, додека хуманитарните организации го повикуваат Израел да дозволи поголема помош да стигне до луѓето на територијата, предупредувајќи на масовни убиства.
Н.П.