Од Министерството за здравство соопштија дека преку веб-платформата vakcinacija.mk пријавени се, заклучно со вчерашниот ден, над 256.346 граѓани, а на вакциналните пунктови во државата, заклучно со завчера, се вакцинирани вкупно 84.312 граѓани.
Прва доза вакцина завчера примиле 10.135 граѓани, а вкупно се вакцинирале 12.606 граѓани. Во државата вкупно вакцина и ревакцина примиле 104.962 граѓани, а две дози примиле 20.650 граѓани.
Со последните бројки, 28 проценти од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk , а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.
Масовна вакцинација, покрај во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, се одвива и во спортсите сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид. Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека системот за вакцинација добро се спроведува при што акцент е ставен на сите пријавени на сајтот vakcinacija.mk. со приоритет по возрасна група, и паралелно на тоа, како што вели, еден помал дел оди кон вработените во критичната инфраструктура како што започнаа уште пред неколку недели.
– Како ќе доаѓаат вакцините така ќе бидат распределени за да овие два система што поголем број граѓани добијат вакцина за што пократко време. Во нашата земја вакцинирани се близу 100.000 граѓани. Сметам дека ќе имаме и натаму добра динамика на вакцинирање. Затоа повторно апелирам сите да се пријават на сајтот vakcinacija.mk . Tоа е системот по кој системот „МојТермин“ ќе ги приоретизира категориите граѓани и во соодветно време согласно тајмингот на пријавување граѓаните ќе добијат или смс порака или меил за да се јават во соодветно време и во соодветен пункт за вакцинација, истакна Филипче.