Вакцината на американската компанија „Новавакс“ е многу ефикасна против новиот вид на коронавирус, идентификуван во Велика Британија, но далеку помалку против оној што беше откриен во Јужна Африка.
Резултатите покажаа дека вакцината на „Новавакс“ е ефикасна и против новиот вид на вирусот откриен во Велика Британија за 85 отсто, пренесува Nature.com.
Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека тоа е добра вест и дека надлежните органи ќе започнат со проценката за одобрување на вакцината.
Велика Британија обезбеди 60 милиони дози што треба да се произведат во Стоктон на Тиза, град на североистокот на Англија.
Дозите се очекува да бидат доставени во втората половина на оваа година, доколку бидат одобрени од Агенцијата за регулирање на лекови и медицински помагала (МХРА), соопшти владата.
Вакцината на „Новавакс“ покажа ефикасност од 89,3 отсто кај учесниците во третата фаза од испитувањето во Велика Британија.
Повеќе од 15.000 луѓе на возраст меѓу 15 и 84 години учествувале во истражувањето, од кои околу 27 отсто биле постари од 65 години, соопштија од „Новавакс“.
Во делот на тестирање во Јужна Африка, каде што акцентот беше ставен главно на новиот вид на вирусот таму, вакцината покажа ефикасност помала од 50 отсто.