Нова студија: Пилулата за „утрото после“ поефикасна со аналгетик

од Stefanija Kuzmanovska

Нова медицинска студија од Хонг Конг покажа дека жените кои земале лекови против болки на рецепт заедно со апчињата за „ден после“ биле поуспешни во спречувањето на бременоста од жените кои ја земале само итната контрацепција.

Студијата, објавена во списанието Lancet, беше спроведена во центар за репродуктивно здравје во кинескиот град од 2018 до 2022 година.
Спроведено е рандомизирано контролирано испитување на 860 жени на кои им била потребна итна контрацепција.

Студијата од 1998 година покажа дека левоноргестрел, едно од најпопуларните апчиња за „утрото после“, е до 95 отсто ефикасен во спречувањето на бременоста ако се зема во рок од 24 часа по незаштитен секс, а таа ефективност паднала на 58 отсто или помалку во рок од три дена.

Авторите на студијата изјавија дека земањето на пилулата заедно со пироксикам, лек на рецепт за ублажување на болни и воспалителни состојби како што е артритисот, „значително ја подобри ефикасноста на итната контрацепција“.

Една нова студија сугерира дека левоноргестрелот може да остане високо ефикасен до три дена по незаштитен секс кога се зема со пироксикам.

Научниците пресметале дека 95 отсто од бременостите биле спречени кај жени кои примале комбинација со пироксикам, во споредба со 63 отсто од оние кои примале плацебо комбинација.

Истражувачот Сју Ло, од Здружението за семејно планирање во Хонг Конг, изјави за АФП дека наодите се „навистина возбудливи“ и го опиша како „пионерско откритие“ и се надева дека другите истражувачи би можеле да го надоградат.

„За пошироката јавност, итната контрацепција што ја користиме е навистина добра. Среќни сме што најдовме нешто за подобрување на терапијата“, рече таа.

Немаше значајна разлика во стапките на несакани ефекти како што се одложени менструални циклуси во двете студиски групи, велат истражувачите.

Оваа студија беше првата што покажа дека „лесно достапен и безбеден“ лек земен заедно со левоноргестрел може да ја зголеми ефикасноста на пилулата „утрото после“, рече првиот автор на студијата Рејмонд Ли од Универзитетот во Хонг Конг.

Но, Ли истакна дека наодите треба да се повторат пред да доведат до промена на политиката.

„Малку е прерано да се бара од жените да додадат (пироксикам) на нивната терапија во овој момент“, рече Ли, додавајќи дека жената прво треба да разговара за комбинацијата на лекови со својот лекар.

Во посебен коментар Ерика Кејхил од Медицинскиот факултет на Универзитетот Стенфорд предупреди дека заклучокот „може да не важи за сите пациенти“.

Учесниците во студијата беа главно од азиско потекло и тежеа помалку од 70 килограми, напиша Кејхил, која не беше вклучена во студијата.

Подобрената ефикасност „може да не се генерализира на пациенти со повисок БМИ“, истакна таа.

Слични содржини