Филипините ќе дозволат илјадници здравствени работници од таа земја да бидат вработени во Велика Британија и Германија, доколку тие две земји се согласат да донираат вакцини против корона на Филипините, изјави денеска директорот на Канцеларијата за меѓународни работи при Министерството за Труд, Алис Висперас.
Министерството за здравство на Велика Британија објави дека не е заинтересирано за ваков договор и дека приоритет е употребата на вакцини во земјата, но соопшти дека во иднина ќе го дели вишокот на вакцини на меѓународно ниво, пренесува Ројтерс.
Филипините, една од азиските земји со најголем број заболени од коронавирус, ги ублажија мерките за забрана за вработување на здравствени работници во странство, но продолжуваат да го ограничуваат бројот на здравствени работници кои можат да ја напуштат земјата на 5.000 годишно.
Висперас вели дека Филипините се подготвени да ги отстранат ограничувањата во замена за вакцините од Велика Британија и Германија, кои би биле искористени за вакцинирање на работници кои заминуваат во странство и стотици илјади Филипинци кои влегуваат во таа земја.