Ваква влада мора да падне што е можно поскоро, смета Села

Лидерот на едното од неколкуте крила на Алијанса за Албанците бара одржување на предвремени парламентарни избори

од Nikola Popovski
44 прегледи Фото: Фејсбук/Зијадин Села

„Ваква влада мора да падне што е можно поскоро“, изјавил синоќа лидерот на едно од неколкуте крила на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, нагласувајќи дека земјата треба да оди на предвремени избори. Како што порачал Села, сегашната влада е штетна и како таква не треба да продолжи.

За исходот по таквите избори, Села посочил дека ќе се види дали ќе се врати рамнотежата во македонскиот политички табор и дали „предвремените избори ќе произведат решителни албански политичари кои ќе знаат како да се соочат со силното ВМРО-ДПМНЕ“.

„Јас сум во опозиција и опозицијата е таа што секогаш бара предвремени избори, уште повеќе кога ќе откријам дека оваа влада е штетна и се обидува да ни ги уништи кариерите“, порачал Села во емисијата „Клик плус“.

Лидерот на АА ги негирал гласините дека неговото крило ќе стане дел од владата и дека имал средба со премиерот Христијан Мицкоски. Како што рекол Села, тие се подготвени да разговараат за политички и програмски теми со кој и да е носител на владиниот мандат, но како што додал, нема да разговараат за министерства, туку за Уставот и Уставниот суд.