„Република Северна Македонија сама си го блокира патот кон Европската Унија.“ Ова го кажал бугарскиот европратеник Ивајло Валчев од редовите на партијата ИТН за бугарски „Дарик“ каде што го коментирал нападот врз екс-новинарот и публицист, Владимир Перев. Валчев испратил остра реакција по повод инцидентот во петокот во Скопје кој што бил регистриран во полицискиот билтен на МВР.
„Силно се надевам дека она што се случува таму ќе го привлече вниманието на Европската Унија. Ќе се обидеме да го оствариме ова, секако. И каква иронија – овој напад се случува еден или два дена пред заедничката седница меѓу Европскиот парламент и Собранието на Република Македонија“.
Тој директно посочил на „несовпаѓањето помеѓу зборовите на македонските функционери и реалноста“.
„Тие тврдат дека таму сè е цвеќе и рози, дека нема говор на омраза. Не знам… можеби ако ве тепаат без да ви кажат реченици што содржат говор на омраза, тоа е нормално за нив“.
Валчев ја отфрлил тезата дека Бугарија ја блокира Македонија.
„Одбиваме да влеземе во наративот дека постојат билатерални проблеми меѓу Бугарија и Македонија. Тоа е земја која потпиша документ со Европската Унија и одбива да ги исполни своите обврски. Ова е проблем за Европа“.
„Бугарија беше првата земја што ја призна земјата. Бугарија ќе биде земјата што ќе направи сè што е можно за да дозволи Република Македонија да влезе во Европа, која ги почитува вредностите што ги декларирала. Што ги спречува? Тие се спречуваат себеси“.
Валчев, исто така, ја коментирал надворешната политика на Македонија.
„Не можете истовремено да бидете за влез во Европската Унија и да бидете таков тројански коњ за руските и кинеските интереси на Балканот. Едното не оди со другото“.
„Тие одлучија дека моментумот значи дека ќе им биде простено сè, само да бидат примени во ЕУ. Но, не можете да станете дел од унијата ако не сте ги исполниле основните услови“.
Според Валчев, бугарската позиција е јасна, обединета и поддржана од сите институции. Тој предупредил дека укинувањето на едногласноста во проширувањето би била опасна.
„Правото на вето е она што ги прави земјите еднакви. Ако го отстранат, малите земји секогаш ќе можат да бидат заобиколени“, рекол европратеникот.