Капитенот на Ливерпул, Вирџил Ван Дaјк ја презеде одговорноста за поразот на неговиот тим од Арсенал во дербито во Премиер лигата. Холанѓанецот и Алисон Бекер направија огромна грешка при 1-1 и им го подарија вториот гол на „топџиите“ во моментот кога, се чинеше, дека „црвените“ ќе го преземаат водството во оваа средба.
„Ја преземаме целосната одговорност за голот кој се покажа како пресвртница на натпреварот. Требаше да се справам подобро и да донесам поинаква одлука во оваа ситуација. Беше болно за мене и за целиот тим. По паузата бевме многу подобри и имавме можности. Доминиравме. Сепак, овој момент ги сврте работите и тоа беше моја одговорност. Само требаше да ја исфрлам топката. Кога ќе донесете погрешна одлука во дел од секундата, тоа се случува во фудбалот. Тоа не ми се случило многу пати во кариерата. Тешко е, но ќе се вратам и ќе извлечам поука. Преземам одговорност“, изјави разочараниот Ван Дајк.
Јирген Клоп сепак застана во одбрана на Холанѓанецот и Алисон, кој не беше ништо помалку виновен за овој гол.
„Нашите двајца главни играчи не се разбраа во таа ситуација. И тие се луѓе. Тоа само покажува колку се посебни работите што тие обично ги прават. Сто проценти можевме подобро да се одбраниме и при првиот гол, но таква е ситуацијата“, изјави Германецот.