Вангеловски добил 3.500 евра за сместување во странство непосредно пред да биде разрешен

од Aleksandar Todeski

Помалку од една недела пред да биде разрешен од претседателското место во Врховниот суд, Јово Вангеловски на својата сметка си префрлил 215.336 денари, или нешто над 3.500 евра за сместување, бидејќи патувал во странство. Сумата не е префрлена како една, туку како четири трансакции по 53.834 денари.

Вангеловски беше разрешен на 10 септември годинава, а четирите трансакции се направени на 4 септември, шест дена пред Судскиот совет на Република Северна Македонија да го разреши. Вакви траснакции, Вангеловски си направил уште две во оваа година, на 17 мај, кога на сметката му легнале 43.882 денари за сместување во странство и на 12 февруари, кога добил 37.890 денари, исто така за сместување.

Речиси 20.000 денари, на контото на Вангеловски биле траснферирани како „транспорт на луѓе“, во две различни трансакции, 11.140 денари на 12 февруари и 7.898 денари на 17 мај – истите датуми кога на неговата сметка легнале и парите за сместување во странство.

Јово Вангеловски, кој инаку е во кумство со поранешниот собраниски спикер, актуелен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски беше разрешен од местото Претседател на Врховниот суд на 10 септември, по 2 години неуспех да се најде мнозинство за негово разрешување во Судскиот совет.

Тој беше разрешен со 8 гласа „за“, а поради незаконската постапка со која тој и уште двајца врховни судии овозможија Сеад Кочан да се брани од слобода.

Неговото име се најде и во извештајот на Американскиот Стејт департмент, заедно со поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, судијката во Кривичниот суд Сoфија Лаличиќ, поранешната членка на Судскиот совет, Александра Зафировска и Светлана Костовска од Вишиот Управен суд, а кои се нотирани како судии дозволиле политиката директно да се вмеша во судството.

Александар Тодески

Слични содржини