Професорката и екс-кандидатка за претседател на државата, Билјана Ванковска ја коментираше одлуката на Владата за враќање на оградата околу владината зграда. Ваквиот потег, професорката го оцени побитен за Владата отколку враќањето на старото уставно име.
-Враќањето на оградата се покажа како поприоритетна задача од враќањето на името коешто остана за некои други генерации. Интересно, смената на власта ја очитуваме преку вадење и ставање ограда, објави Ванковска.
Вчера беше поставена металната ограда околу зградата на Владата. Пет дена откако на владина седница беше донесена одлука зградата пак да се огради, екипи од вчера наутро ја местеа.
„Со оглед на тоа што објектот на Владата е опкружен со нефункционална и нерепрезентативна ограда во сопственост на Министерството за внатрешни работи, Владата ја задолжи Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) да започне постапка за враќање на оградата на Владата која веќе еднаш беше поставена. Истовремено, директорот на СОЗР Ивица Томовски информираше дека оградата била несоодветно чувана под надворешни влијанија во објектот на касарната Илинден, за што ќе направат и дополнителна проценка“, рекоа од Владата на 2-ри јули.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски информира дека оградата околу Владата претходно била репарирана.
Дваесет месеци откако го почна мандатот, тогашната Влада на екс-премиерот Зоран Заев го исполни ветувањето дека ќе ја отстрани оградата околу својата зграда, со образложение дека објектот треба да биде отворен за граѓаните. Се сруши само нејзиниот метален дел, а бетонските столбови останаа.
Тогаш Заев најави дека за отстранување на оградата нема да се трошат пари на граѓаните, туку ќе бидат искористени, како што рече, внатрешни ресурси, односно постојните капацитети на службите во рамките на Владата.
Оградата ја постави претходниот владин кабинет на екс-премиерот Никола Груевски и според информациите од медиумите од тој период, ја плати 700 илјади евра. Таа е дел од проектот „Скопје 2014“, заедно со реконструкцијата на фасадата на владиното седиште.
Поставувањето на метална ограда околу објектот на Владата предизвика бројни реакции во јавноста. Во тој период пред Владата се случуваа масовни протести, кои започнаа по објавување на прислушуваните разговори или т.н. „бомби“ објавени од тогашната опозиција.