Вархеји очекува брза соработка со новата Влада за европскиот пат на Македонија

од Nikola Popovski
2,3K прегледи

Стигнаа и првите честитки од официјален Брисел по повод изборот на новата влада и министри. Се огласи европскиот комесар за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји.

-Честитки до премиерот Мицкоски и членовите на новата Влада! Со нетрпение очекуваме да работиме брзо со вас за да го унапредиме европскиот пат на Северна Македонија, објави еврокомесарот на социјалната мрежа „Х“.

Синоќа Владата беше изгласана со 76 гласа „за“ и 22 „против“ во 120-члениот парламент.

Министер за внатрешни работи е Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцуски, за финансии Гордана Кочоска Димитриеска, заменик претседател на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски, министер за локална самоуправа Златко Перински. Министерка во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е Сања Божиновска, во земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, министерка за образование и наука е Весна Јаневска, министер за култура и туризам е Зоран Љутков, а министер за спорт Борко Ристовски. Љупчо Димовски е вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ, вицепремиер задолжен за односи со заедниците, додека Шабан Салиу е министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.

Министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата е Изет Меџити, министер без ресор и заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење е Арбен Фетаи, министер за здравство Арбен Таравари, Орхан Муртезани е избран за министер за европски прашања, додека за министер за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, а министер за економија е Бесар Дурмиши. Игор Филков е новиот министер за правда, а Горан Минчев за министер за јавна администрација.

На парламентарните избори во мај победи партијата на Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ со 43,14 отсто од гласовите. Мицкоски на 6 јуни го доби мандатот за состав на новата влада.

Откако стана лидер на ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година, Мицкоски повторно ја издигна партијата, која беше потресена од бегството на поранешниот лидер и премиер Никола Груевски, обвинет за корупција, кој најде азил во Унгарија.

Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година.

Слични содржини