Директорот на Ферари, Фредерик Васер изјави дека воопшто не било тешко да се убеди британскиот возач Луис Хамилтон да се пресели во италијанскиот тим во Формула 1 шампионатот, пренесe денеска Sky Sports.
Хамилтон (39) беше член на Мерцедес 12 години, а од следната сезона ќе вози за Ферари. Британскиот возач освои шест од седум шампионски титули со Мерцедес. Пред Мерцедес, возеше за Мекларен.
Британските медиуми потсетуваат дека веста за преселбата на Хамилтон во Ферари беше објавена во февруари.
„Во 2023 година победивме повеќе трки од Мерцедес, почетокот на сезоната исто така беше добар, па не беше толку тешко да го убедиме дека Ферари ќе биде добар проект. Мислам дека имаше барем 22 или 23 години на ум да вози за Ферари, бидејќи разговаравме за тоа во 2004 година“, рече Васер на традиционалниот божиќен ручек со новинарите во Маранело, објави Sky Sports.
„Тоа значи дека не беше толку тешко. Понекогаш се работи за случајност или дека планетите се совпаѓаат, дека тој е на пазарот, дека Ферари има слободно место и слично. Но контактот беше лесен. Почнавме да разговараме пред една година и воопшто не ни беше тешко да го убедиме“, додаде тој.