За време на блокадите на Собранието од страна на СДСМ, голем дел од пратениците дојдоа пешки до своето работно место и тоа од правец на црквата „Св. Констатнин и Елена“. Една од пратеничките, Иванка Василевска вели дека легитимно е синдикалното барање за зголемување на минималната плата и останатите примања на работниците. Сепак обвинува за напади врз пратениците.
-Легитимно е тие да бараат, а другата страна, граѓаните треба да проценат дали Владата прави доволно напори во оваа ситуација тоа да го и испорача. Лично ценам дека партијата ќе го има својот официјалниот став, но, лично сметам дека премногу е навредлив атакот кон пратениците и ценам дека со таквиот пристап во политиката, се руинира она што е суштина – директно претставништво на граѓаните во законодавниот дом, кажа пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиумите, додека траеше блокадата на Парламентот од две страни.
Сојузот на синдикати на Македонија денеска го блокираше Собранието, на улиците „11 Октомври“ и „Даме Груев“. Минималец од 600 евра, за 100 евра зголемување на преостанатите плати, намалување на платите на функционерите, ова се пораките кои синдикалците сакаат да ги упатат до народните избраници.
„Добро утро на сите, освен на пратениците. Зошто? Поради тоа што две години го блокираат предлогот на ССМ за зголемување на работничките плати, или за зголемување на минималната плата и на сите останати плати за најмалку 6.000 денари. Како што ветивме, денес со по 21 човек на две локации ги блокираме да не можат да дојдат на работа со сопствените возила, да не можат да наплатат трошоци за превоз како да трошат керозин и да мора да дојдат пешки или со јавен градски превоз на своите работни места. Моите информации се дека голем дел од пратениците станале рано утринава за да дојдат пред 9 часот на работа и да не се соочат со работниците на улица, затоа што се срамат од нив“, нагласи синдикалниот лидер, Слободан Трендафилов.
Од ССМ велат дека протестите ќе продолжат и во четврток, блокирани ќе бидат работодавците, а идната недела и Владата.