Васоски: 99 проценти сум нов тренер на Сараево

од Vladimir Zorba
325 прегледи

99 проценти сум нов тренер на Сараево, но да завршам некои други работи овде во Македонија, не дај Боже се да пропадне, изјави агенцијата Анадолија Александар Васоски (42), поранешен тренер на Академија Пандев.

Васоски беше во преговори со челниците на Сараево и, според некои медиуми, е прв кандидат за тимот каде треба да го наследи Хрватот Горан Саблиќ, кому пред неколку дена му беше раскинат договорот поради незадоволителни резултати во босанската прва лига.

„Разговаравме и на добар пат сме се да биде се дефинитивно. Велам, имам уште една формална работа да завршам во Македонија и затоа ви кажав дека 99 отсто сум нов тренер на Сараево. Да оставиме да биде официјализирано“, рече Васоски, а на прашањето што значи за него што веројатно ќе биде нов тренер на еден од најдобрите клубови во Босна и Херцеговина, тој одговори: „Многу ми значи. Одличен клуб, одлични навивачи, традиција, трофеи… Но ве молиме почекајте уште малку и тогаш ќе можеме да зборуваме многу поконкретно за сè“.

Според последните информации, Васоски денеска се простил од актуелните работодавци во Академија Пандев, а клубот „веќе почнал да бара нов тренер бидејќи Васоски заминува во Сараево“.

Надежниот тренер одлично се снајде во Академија Пандев, а многу успешен беше и на клупата на скопски Вардар.

Во својата играчка кариера беше стандарден македонски фудбалски репрезентативец од 2000 до 2008 година. Играше, меѓу другите, за Вардар од родното Скопје, но и за Ајнтрахт од Франкфурт.

Слични содржини