Директорот на Ф1 тимот на Ферари, Фредерик Васур, изјави дека сезоната 2024 нема да биде преодна за неговиот тим пред пристигнувањето на Луис Хамилтон во Маранело следната година.
Откако беше објавен трансферот на седумкратниот светски шампион на крајот на јануари, многумина шпекулираа дека Ферари целосно ќе го насочи својот фокус кон сезоната 2025 и, во извесна смисла, ќе ја жртвува 2024 година. Сепак, Васур е категоричен дека тоа нема да се случи и инсистира дека претстојната сезона е многу важна за Скудерија.
„Ова е погрешно, 2024 година нема да биде преодна година. Ќе биде многу важна сезона за нас и ние сме целосно фокусирани на тоа. Мислам дека најдобриот начин да се подготвиш за нешто е да направиш добра работа. Тоа значи дека сме фокусирани на 2024 година, сакаме да извлечеме максимум од неа, сакаме да победуваме на трки и да го продолжиме она што го започнавме во 2023 година. Не размислуваме само за 2025 година“, рече Васур.
Французинот исто така рече дека нема да престане да прави промени во тимот за да биде подобар. Од неговото назначување пред една година, Васур веќе направи неколку клучни промени во раководството во Ферари, вклучително и во стратешкиот оддел на Скудерија.
„Би рекол дека тоа е во мојата ДНК, ако почнете да се задоволувате со она што го имате, тогаш сте мртов. Мора постојано да се трудите да се подобрувате и да работите на вашите слабости. Значи, тоа е проект кој нема крај. Сега имаме луѓе кои доаѓаат во тимот што е добра вест. Ден по ден го засилуваме тимот, правиме чекори напред. Но, повторно, нема да се разбудам утре наутро и да кажам дека сме таму каде што треба да бидеме. Ако почнете да размислувате на овој начин, тоа ќе биде почеток на крајот“, објасни Васур.
Шефот на „црните коњчиња“ ги сподели и своите очекувања за заедничката работа на Шарл Леклер и Карлос Саинц во последната година како тимски колеги во Ферари. На крајот на сезоната Саинц ќе го напушти Маранело за да му направи место на Хамилтон, кој ќе биде партнер на Леклер.
„Ако ја погледнете минатата година, ќе видите дека во текот на целата сезона имавме добра еволуција на тимот. Имаше фази од сезоната каде Шарл беше посилен, а во други Карлос беше напред. Возачите беа клучни за нашиот напредок во текот на целата сезона. Ни требаше такво нешто како тим и продолжуваме да го правиме тоа. Сигурно сакаме да имаме повеќе, да притискаме повеќе, тоа е во ДНК на еден тркачки тим. Убеден сум дека во 2024 година ќе имаме слична еволуција, која ќе ни биде многу корисна во иднина“, изјави Французинот.