Вечерва со изложбата „Супстрати“ во Париз се афирмира културната програма на „Отворен Балкан“

од Nikola Popovski
216 прегледи

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска престојува во Париз каде што со министерките за култура на Албанија и на Србија, Елва Маргарити и Маја Гојковиќ, вечер, во 18:30 часот, во Културниот центар на Србија ќе се обрати на отворањето на изложбата „Супстрати“.

Изложбата се реализира под покровителство на министерствата за култура на Северна Македонија, на Србија и на Албанија, во сороработка со амбасадите на трите земји, а во рамките на културната програма на иницијативата „Отворен Балкан“.

На изложбата, пред меѓународната јавност ќе бидат претставени новите проекти на уметниците: Кристина Пулејкова (Северна Македонија), Нина Жељковиќ (Србија) и Дриант Зенели (Албанија).

Кураторка на изложбата е Клаудија Пецолд, основач на порталот за подигнување на свеста за преобразба на природното и културното наследство „Curating Evolution“, која, фокусирајќи се на современата уметност, ги нагласува фундаменталните врски меѓу трите земји во рамките на „Отворен Балкан“.

Реализацијата на културната програма на „Отворен Балкан“ овозможува балканските земји, преку својата уметничка сцена, во современ концепт да ја претстават балканската култура и наедно, преку интеркултурен дијалог и интердисциплинарен пристап, да ги промовираат специфичните културни и уметнички карактеристики на Балканот.

Изложбата „Супстрати“ ќе биде отворена за јавноста до 12 август 2023 година.

Слични содржини