Вечерва средба меѓу владината коалиција: ЛДП ќе присуствува, Алтернатива не

од Nikola Popovski
199 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски за вечерва свикал лидерска средба меѓу најголем дел од парламентарните коалициски партнери. Од партијата ЛДП за „Локално“ ја потврдија ваквата средба.

-Претпоставувам ќе се разговара за главните економски и политички теми и она што е актуелно. Справување со енергетска криза, скринингот со ЕУ и план за понатаму за интеграцијата. Владините партнери редовно имаат поединечни или заеднички средби на кои се разговара и се разменуваат информации, ни изјави кратко лидерката на ЛДП, Моника Зајкова.

За разлика од нив, партијата Алтернатива најверојатно нема да се појави на денешната средба со премиерот.

-Нема такво нешто, кратко ни соопштија од партијата на Африм Гаши за тоа дали вечерва ќе има лидерска средба меѓу владината коалиција и дали ќе присуствуваат на неа.

Ковачевски во изјава за медиумите најави дека за вечерва е закажана средба со добар дел од коалициските партнери.

-Имам разговарано со сите коалициски партнери. Денес имам разговори со добар дел од коалициските партнери за функционирањето на темите кои што се значајни за работењето на Владата, од интерес граѓаните. И со Алтернатива имам разговарано, со нејзиниот претседател Африм Гаши бидејќи имаме редовни состаноци, но не сме разговарале за детали за влегување на нов партнер во Владата, бидејќи такви детали не се разговарани ни со потенцијалниот партнер што го потврди и претседателот на Алијанса. Ние сме партии, вклучително и Алијанса за Албанците за продолжување на европскиот пат на државата, но во однос на конкретни разговори за програмски и кадровски детали немаме разговарано. Доколку влеземе во конкретни разговори, тогаш нормално ќе бидат консултирани и ќе разговараме со постојните коалициски партнери во Владата исто како што ги консултиравме кога Алтернатива влегуваше во Влада, изјави Ковачевски за тоа денеска ќе се разговара за можното проширување на владината коалиција со Алијанса за Албанците (АА)

Н.П.

Слични содржини