На денешното рочиште за случајот со грабнувањето и убиствата на малолетната Вања и Панче Жежовски, обвинетиот Велибор Манев даде шокантно сведочење за улогите на останатите обвинети и начинот на кој се одвивала криминалната акција.
Манев призна дека заедно со Влатко Кешишев ја копале земуницата во која требало да бидат чувани грабнатите лица. „Првично требаше Панче Жежовски да биде киднапиран и држен во земуницата, а потоа да се замени со друга жртва – жена на возраст од 38-40 години,“ сведочеше Манев.
Според сведочењето, Љупчо Палевски го организирал целиот план, а за таа цел се барало необележано или украдено возило. „Палевски инсистираше да се најде пензионер со возило кое ќе се искористи за грабнување,“ изјави Манев, додавајќи дека одлуката за грабнување на Панче ја донеле заедно.
На 23 ноември, групата го спровела грабнувањето на Панче Жежовски. „Чекавме пред неговата куќа, а Боре Видевски тропна на вратата. Откако го бутна внатре, заедно го врзавме, а Палевски ја зеде неговата кола,“ опиша обвинетиот.
Највознемирувачкиот дел од сведочењето беше моментот кога Манев ја опиша ликвидацијата на Панче. „Го донесовме до земуницата, му ги одврзавме рацете за да го спуштиме по скалите. Во тој момент, Палевски ненадејно му пука во слепоочницата. Бев шокиран, останав без зборови. Кога го прашав зошто, ми рече: ‘Вака е почисто, нема што да се секираш’,“ сведочеше Манев.
По неколку дена, Манев и Видевски го затрупале телото на Панче за да спречат ширење на мирис. Обвинението ги товари Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски за грабнување со намера да изнудат откуп и за тешки кривични дела, вклучувајќи убиство.