Велика Британија: Подготвени сме да го браниме украинското небо

од desk2
13 прегледи

Велика Британија е подготвена да испрати војници во Украина за да го бранат воздушниот простор и морските пристаништа, но не и на бојното поле против Русија, рекол началникот на британската армија Тони Радакин на состаноците во Пентагон, објавува Гардијан.

Радакин, началникот на Генералштабот, денеска учествува во разговорите во Вашингтон за финализирање на обврските што 30 земји се подготвени да ги преземат за безбедноста на Украина по војната. Според британските претставници, Лондон е подготвен да испрати војници за логистичка поддршка и обука, но не и да распореди војници по руската граница.

Првично, се зборуваше за можно распоредување до 30.000 војници, но оваа идеја беше отфрлена поради противењето на некои европски земји.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД нема да испраќаат војници во Украина.

„Ги имате моите гаранции за тоа. И јас сум претседател“, изјави тој за Фокс њуз.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот изјави дека очекува безбедносните гаранции да бидат финализирани во следната „недела до 10 дена“.