Велков: Обработливите површини во Македонија се преполовуваат, без стратегија земјата ќе остане без земјоделско производство

од Берта Китинска

Повеќе од три децении Македонија нема стратегија за развој на земјоделството. Ако управувањето со аграрот продолжи на истиот начин, ќе останеме без земјоделско производство, алармира Сојузот на синдикатите на земјоделски производители од струмичкиот регион.

Најлоши се состојбите во градинарството дециден е претседателот Ристо Велков каде обработливите површини се преполовени.

„Намалувањето на обработливата површина автоматски подразбира и намалување на количеството на произведена храна. Ќе продолжат да функционираат само големите производители или оние кои имаат повеќе од 30 хектари обработлива земјоделска површина. Логична последица е зголемување на цената на земјоделските производи”, вели во интервју за Локално.мк Велков.

Сојузот на синдикати на земјоделски производители го вклучи алармот за лошата состојба во земјоделството.Како особено загрижувачка појава го посочувате намалувањето на обработливата површина, па оттука и прашањето за колкави размери станува збор?

-Во последните 7- 8 години најалармантни се состојбите во градинарскиот сектор. Обработливите површини на кои се засадуваат пиперки, домат, краставици и останати градинарски култури континуирано се намалуваат и во моментов тие се дури за 50% намалени. Логична последица е намалување на количините на овие производи, а со самото тоа зголемување на нивната цена. Оваа година беше одлична за нас производителите . Така на пример килограм зелка се продаваше за 30 денари , а таква цена не можела да се достигне никогаш досега. Намалување на обработливите површини нема само кај повеќегодишните култури.Во другите сектори е драстично намалувањето, и засега никој не може да предвиди до каде ќе се оди.

Постои ли опасност Македонија од претежно аграрна земја да стане зависно увозна?

-Се плашам дека не сме многу далеку од едно вакво сценарио. Ние повозрасните сеуште ги паметиме времињата кога Македонија обезбедуваше најголем дел од земјоделските производи за цела Југославија кога имаше популација од 20 милиони жители. Од тогаш работите во овој сектор драстично се изменија, на полошо. Намалувањето на обработливата површина автоматски подразбира и намалување на количеството на произведена храна. Ќе продолжат да функционираат само големите производители или оние кои имаат повеќе од 30 хектари обработлива земјоделска површина.

Логична последица е зголемување на цената на земјоделските производи. Не треба да го занемариме фактот дека намалување на количеството произведени земјоделски производи е каракстеристично и за државите во кои Македонија традиционално извезува. Така на пример во Хрватска која е економски помоќна од Македонија земјоделските производи се поскапи, па оттука е логично дека на нашите земјоделци ќе им биде многу поисплатливо да ги продаваат доматите, краставиците , пиперките, таму бидејќи можат да добијат повисока цена за нив.Секако, она што ќе остане во државава ќе биде многу поскапо и со тоа понедостапно за нашите потрошувачи.

Иницијативата Опен Балкан добива се повеќе подржувачи. Дали бенефити според Вас ќе имаат и македонските земјоделци?

-Секако оваа иницијатива ќе донесе исклучителни позитивни ефекти за македонските земјоделци.Концептот претпоставува слободни зони, непречен увоз на земјоделски производи.Нашите производи се препознатливи по инзвонредниот квалитет, имаат мирис, вкус- карактеристики кои не ги поседува храната во многу држави.

Има ли решение за сегашната, крајно проблематична ситуација во земјоделството? Кои би биле првите чекори на некоја идна стратегија и кој би застанал зад неа?

-Јас како претседател на сојузот на земјоделски производители од струмичкиот регион неколку пати досега алармирав на потребата од итно донесување на стратегија. Мора да се најде начин како трудот на земјоделецот да биде исплатен со цени содветни за производот во кој вложил труд и време. Неопходен е и гарантиран пласман, услов кој е од суштинско значење за сите земјоделци. Македонија нема стратегија 30 години и крајно време е вистински луѓе да дојдат на вистински места.

Секако зад целиот процес треба да застане Министерството за земјоделие со сиот свој капацитет. Крајно време е нешто да се превземе бидејќи ќе останеме без земјоделско производство. Мораме да ги задржиме младите и да ги мотивираме да се бават со земјоделие.Тие заминуваат во странство и ги оставаат нивите на возрасните, што тоа секако не може бесконечно да трае. Во еден момент ќе се соочиме со ситуација кога веќе нема да има луѓе кои ќе ја обработуваат земјата во Македонија.

К.В.С.

Слични содржини