Техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски денеска информира дека имало злоупотреба на системот за социјална заштита и незаконско и противправно исплаќање на средства за социјална помош и пензија на лица кои не исполнуваат законски услови. Досега, вели тој, познати им се 2252 исплаќања на сметките на корисници кои не треба да примаат по сила на законот.
Според Велковски, забележана е и ретроактивна исплата на средства за повеќе месеци наназад. Тврди дека постои „криминал од милионски размери“.
-Над 2200 граѓани примиле гарантирана минимална помош и социјална пензија и пријавиле дека не поседуваат возило, а според евиденцијата на МВР, се сопственици на такво превозно средство. Во моментов е само дека имаат возило, а тоа е еден од условите, односно да не се сопственици на моторни возила. Додека се најдат и други недостатоци во самите досиеја, ќе бидете информирани. По одредени сознанија од инспекциите, ситуацијата може да е и повеќе од една година. Месечната штета е околу 18 милиони денари, соопшти Велковски на прес-конференција.
По добиените извештаи од инспекциите, додаде тој, ќе се обратат до сите надлежни институции за лоцирање на одговорноста и преземање на мерки.