Велковски: Со злоупотребата на социјалната помош, буџетот на МТСП е оштетен за над 2,5 милиони евра

од Nikola Popovski

Министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски вели дека е мета на вербални напади по објавениот скандалот со исплатата на социјалната помош. Според него, ова е насочено од поранешната министерка Јованка Тренчевска и неколку директори на Центрите за социјална работа.

-Ме обвинуваат дека не сум го разбирал системот, не сум ја познавал проблематиката, сум ги навредувал вработените и сум бил против одредени етникуми… Ова е со цел да се тргне фокусот од вистинската тема, а тоа е злоупотребата на социјалната помош, рече Велковски, соопштувајќи ги податоците од самите Центри.

-Веќе имаме пресек на предмети со незаконска исплата на парични средства во системот за социјална помош. Констатирани се 1134 незаконски исплати од јули 2022 година до моментот кога го објавивме скандалот, со што Буџетот на МТСП е оштетен за 155 милиони денари или над 2,5 милиони евра. Во моментов изготвени се 1134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош со забрана за користење на правото во наредните 12 месеци, информира министерот.

Велковски истакна дека според Законот за социјална заштита од 2019 година, доколку корисникот поседува моторно возило, не може да има право на гарантирана минимална помош и социјална пензија.

-Дали се обезбедувале податоци секој месец како што предвидува законот или размената на податоци преку ЦД или УСБ е доставувано во нереално време и задоцнување од неколку месеци, со што се овозможило во системот да влезат лица на кои не им следувале овие права, праша техничкиот министер.

Велковски е дециден дека „оваа појава е стопирана и нема да има повеќе вакви незаконски исплати“.

Слични содржини