Венецуела: ЦИА сакаше да го убие Мадуро, уапсивме американски специјален агент

од Vladimir Zorba
58 прегледи

Венецуела соопшти дека уапсила шест странци, вклучително и припадник на елитните американски специјални сили SEAL, за наводен заговор за дестабилизација на земјата, која е во криза по спорните избори во јули оваа година.

Министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабело тврди дека наводниот заговор бил предводен од ЦИА и дека целта била да се убие претседателот Николас Мадуро. Американскиот Стејт департмент го отфрли тврдењето како лажно, јавува Си-Ен-Ен.

Обвинението доаѓа во време кога венецуелската опозиција, неколку национални лидери на Латинска Америка и Соединетите Држави одбиваат да ја признаат спорната изборна победа на Мадуро, што беше проследено со масовни протести во кои беа уапсени и убиени илјадници луѓе.

На прес-конференцијата во саботата, Кабело го идентификуваше наводниот член на единицата SEAL како Вилијам Џозеф Кастањеда Гомез и тврдеше дека тој бил водач на операцијата. Министерот исто така именуваше двајца други приведени Американци: Дејвид Естрела и Арон Барет Логан.

Министерот рече дека покрај Американците, уапсени се и двајца шпански државјани – Хозе Марија Басоа Валдовинос и Андрес Мартинез Адасме и чешкиот државјанин Јан Дармовзал. Венецуелските власти заплениле и 400 американски пушки поврзани со наводниот заговор.

„ЦИА ја водеше оваа операција. Ова воопшто не не изненадува“, рече Кабело на прес-конференцијата, тврдејќи дека е вклучен и Националниот разузнавачки центар на Шпанија. Тој тврди дека операцијата има многу јасни цели за атентат на претседателот Николас Мадуро и други венецуелски функционери, вклучително и него и потпретседателот.

Стејт департментот ги отфрли тие тврдења. Неговиот портпарол во саботата потврди дека еден припадник на американската војска бил уапсен во Венецуела и дека знаел за непотврдени извештаи за приведени уште двајца американски државјани.

„Сите наводи за вмешаност на САД во заговорот за соборување на Мадуро се категорично лажни“, додаде портпаролот: „САД продолжуваат да поддржуваат демократско решение за политичката криза во Венецуела“.

Извор од шпанското Министерство за надворешни работи изјави за Ројтерс дека се бараат повеќе информации од Венецуела: „Шпанската амбасада испрати вербална нота до владата на Венецуела во која бара пристап до приведените граѓани за да се потврди нивниот идентитет и националност и да се знае точно што се обвинети“.

Слични содржини