Скандалозната поддршка што мицковистичко дпмне (за жал и во име на државата) ја даде за нелегитимната и спротивна на принципите на меѓународното право воена акција во Венецуела е дотолку повеќе индикативна за нивниот однос кон себеси и државата со фактот дека беа буквално меѓу првите во светот кои изразија таква целосна поддршка. Дури и косово и метохија, која е меѓународен протекторат а не држава, во временска смисла подоцна го стори истото и изрази поддршка кон Трамп, после Тимчо и другите од дпмне, што само по себе говори и за тоа на кое ниво ја сведоа нашата држава оние од режимот. И во тој контекст сосема се основани жестоките и потсмешливи критики кон Тимчо и послушниот про-американски режим кој владее врз нас од страна на Српскиот весник и ТВ „Информер“ односно проценките за Северна како банана-држава – па, навистина, толку големо непочитување и таков поданички однос кон својата држава и морално-правните принципи врз кои е конституирана е можно исклучиво во банана-држави, таквите кои самите го негираат сопствениот основен историски и државен суверенитет. Патем кажано, тие од „Информер“ треба да прашаат кај српските власти за Алта банка и тоа зошто (барем индиректно) го поддржуваат режимот на мицковистичко дпмне додека истите дозволија среде центарот на Скопје да се навредува Српскиот народ и да се шетаат ликови во учк униформи, но тоа е друга тема.
Правото на посилниот отсекогаш било единствено право во животот на планетата Земја, Дарвиновата џунгла – сите приказни за меѓународно право во суштина, за жал, се приказни за мали деца, ние Македонците повеќепати низ историја на своја кожа сме го дознале тоа, од Букурешт преку добиената пресуда за тоа дека Грција не смее да ја блокира Македонија за членство во НАТО под името Република Македонија. Силните држави и низ историјата и денес се придржуваат формално до меѓународното право и институции единствено доколку истите не се во спротивност со нивните национални и државни интереси. Факт е и дека САД се апсолутни господари во светот и на Балканот – овде руско или кинеско влијание нема, истото го бараат само мојот пријател Оливер Андонов и еден портал-здружение, иако никој друг освен нив не може да види ниту минимум друго реално политичко, економско и културно влијание освен на САД. Меѓутоа, истото тоа не значи дека државните политики мораат да бидат до толку сервилни кон тоа влијание, посебно кога истите не се поклопуваат со автентичните, автохтони и суверени државни интереси, за што имаше бројни примери во изминативе 35 години, како на пример признавањето на Косово и Метохија како „држава“ во спротивност со меѓународно-правната важечка резолуција 1244 на ООН.
Секако, знаеме дека поинакви се мотивите и објективните причини зошто РСМ преку режимот и Тимчо меѓу првите во светот изрази поддршка на Трамп – не се тоа површни политички проценки за недемократско владеење на Мадуро и слично – туку фактот дека всушност САД го поддржува овој режим, а богами и во значителна мерка им помогна да ја освојат власта тој кобен ден, 8 Мај 2024 година. Како што впрочем САД беа и главен поддржувач на шарената револуција која Заево Сдсм ја искористи за да дојде на власт во 2016 година. Нема власт овде без поддршка од САД, кратко кажано, и го знаат тоа Тимчо и компанијата од дпмне мицковистичко. Додуше, наш голем проблем е што речиси сите политики кои САД ги поддржуваа овде се спротивни на највисоките национални и државни интереси на Македонскиот народ, од охридскиот рамковен договор до преспанскиот договор но ете гледаме дека оние „војводите и комитите“ од дпмне немаат проблем со тоа, слатка им е власта, па макар давале и меѓу првите во светот поддршка за акцијата во Венецуела. Колку е тоа спротивно на историската идеологија на ВМРО е јасно, со што уште еднаш, по којзнае кој пат, се покажа дека дпмне мицковистичо е спротивност на идеалите на Македонсиот народ, и всушност е обична политичка измама со инструментализација на емотивните слоеви на Македонецот при мигот на гласање.
Ситуацијата добива комични размери кога ќе се види и поддршката од Сдсм, макар и вербално поумерена – па замислете, тие дури и се надеваат и очекуваат дека САД преку некоја си нова програма за антикорупција на западен Балкан ќе им помогнат за рушење на режимот овде(!). И на тој начин, денес имаме и власт и опозиција која се натпреварува меѓусебно кои од нив ќе добие повеќе и поголема поддршка од САД. Лично, мислам дека оние од Сдсм немаат шанси да бидат повеќе сервилни кон САД од мицковистичко дпмне. Тоа се огледува во објективниот факт дека за релативно кратко време режимот успеа без ниту една критика од САД да го забетонира автократско-диктаторскиот режим, како и во тоа дека веќе постои паралелен систем на самовластие без никаква можност за правно санкционирање бидејќи правосудниот систем е подјармен од интересите и желбите на самата структура на диктаторското владеење, а се чини и дека само прашање на време е кога ќе започне и (пара)институционално насилство, проследено со корупција како систем, масовно подаништво – слугување на режимот како секојдневна животна практика, однародено Собрание каде само стискаат копче по желба на „главниот“, неодржлив односно на територијата на Балканот колективно-губитнички социо-психолошки менталитет, итн. И сето тоа придружено со тажниот факт дека потомците на сесловенските, Македонски просветители Кирил и Методиј денес се веројатно најнеписмениот народ во Европа и со тектонски процеси чиј пример се најновите статистички податоци за континуираниот пад на наталитетот на Македонскиот народ, како и масовните барања за државјанство. Македонскиот народ допрва ќе се соочува со длабински проблеми за својот суверенитет. Со вакви политички „елити“ чиј најголем дострел е кој и како повеќе и повеќе ќе биде сервилен не верувам дека воопшто постои можност за доаѓање на макар било какви добри вести и подобри времиња во мициленд – токму напротив.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.