Венизелос: Неотпочнувањето преговори негативно влијае на рамнотежата на Договорот од Преспа

од desk4
232 прегледи

Неотпочнувањето пристапни преговори со Северна Македонија повлекува доцнење на вистинската внатрешна употреба на сложеното име, изјави поранешниот лидер на Сегрчкото социјалистичко движење (ПАСОК), Евангелос Венизелос, кој во минатото беше вицепремиер, министер во повеќе влади, но и шеф на грчката дипломатија, анализирајќи ги последиците по Грција од ветото во ЕУ за старт на преговорите со земјава.

– Одбивањето на Европскиот совет за започнување пристапни преговори, мислам дека влијае негативно за Грција во однос на рамнотежата на Договорот од Преспа. Во член 1 параграф 10 од Договорот предвидено е дека политичкиот преоден период за употребата на сложеното име во документите што се издаваат во внатрешноста на договорната страна зависи од отворањето на поглавјата во пристапните преговори. Според тоа, неотпочнувањето пристапни преговори повлекува доцнење на вистинската внатрешна употреба на сложеното име, односно доцнење во однос на „ерга омнес“ употребата на името, објаснува Венизелос.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, поранешниот претседател на ПАСОК коментира дека исходот од Самитот на ЕУ е проблематичен, оценувајќи дека внатрешно политичките интереси ја одредиле позицијата на Франција.

– Грција ја интересира политичката стабилност во двете соседни земји, но и на целиот Западен Балкан, како и политичкиот кредибилитет на ЕУ во регионот за да може да се врши ефективен притисок преку контролите што произлегуваат од отворањето на поглавјата на пристапните преговори. Тоа е процес кој е постепен и долг. Од овој аспект, последната разврска на Европскиот совет е многу проблематична, истакнува Венизелос.

Слични содржини