Верските симболи во предизборие: „Нема култура на почитување на закон, општинските власти се неспособни и сакаат да ги раскараат тетовчани“

од Nikola Popovski
409 прегледи

Тетовско-гостиварска епархија добила решение од Општина Тетово за отстранување на крстот, поставен на црковен имот на Попова Шапка. Оттаму најавија дека ќе поднесат жалба. Ова доаѓа во пресрет на најавените петочни протести пред општината, токму за верскиот симбол. Раководителот на општинскиот инспекторат потврди дека има решение за отстранување на крстот, но, оттаму рекоа дека отстранувањето ќе биде со другите над 5.000 решенија за уривање. Од СДСМ предупредија да не се подгреваат тензии, додека одд ВМРО-ДПМНЕ укажаа дека никој нема право да го отстрани крстот од црковниот имот и рекоа дека одлуката не е ниту нивна, ниту на БЕСА, туку на општинскиот инспекторат.

Користење на верски симболи

Анализирајќи ја целата ситуација, ја контактиравме универзитетската професорка Мирјана Малеска. Таа во разговор за „Локално“, настанот на Попова Шапка го поврза со симболите во мулти-етнички заедници, во контекст на актуелните драматичните меѓународни односи. Малеска го цитира генералниот секретар на Светската здравстена организација: „Во болницата „Ал Акса“ владее тотален масакр, луѓе и деца умираат чекајќи помош“.

Мирјана Малеска

-Ние што живееме, под чадорот на НАТО во мир, имаме струја, вода и  храна сe oднесуваме прилично себично и бесчуствително кон потенцијалните опасности на кои може да биде изложена нашата држава. Нели е крајно неодговорно, да је провоцираме чувствителната етничка, заради изборна добивка или од било кои други причини? Од се она, што ни се случуваше во минатите триесетина години, како бруталното распаѓање на југословенската федерација и воениот конфликт во 2001, како да сме научиле само едно: дека националистичкиот наратив носи изборни гласови. Тоа го покажаа сите претходни изборни циклуси. Затоа, сум склона да верувам дека поставувањето на крстот, токму сега и токму таму, е исто така провокација пред претстојните избори. Кога има етнички немири, граѓаните се чувствуваат несигурни. Нивната спонтана реакција, најчесто е да се приберат во своето „стадо“, за што се грижат водствата на етничките партии. Тие се претставуваат како „спасители“ на својата етничка заедница, ама ја доведуваат во прашање безбедноста и стабилноста на државата. Тоа е многу опасна „игра“, која се вика: да се дојде и остане на власт по секоја цена, посочува Малеска.

Каква е улогата на симболите како крстот?

Професорката истакнува дека етничките заедници полагаат право на престиж и доминација преку официјално истакнување на симболите, како што се знамиња, написи, јазик и верски симболи. Така, политиката станува, меѓу другото, ритуал во кој се определува статусот на групата.

-На пример, ако подигнеш џамија на Шар Планина, даваш до знаење на сите дека е тоа „твоја територија“ и ти тука ги одредуваш „правилата на игра“. Истото е и со подигање на крстови. Тоа се разбира не може да биде така ако во државата постои закон и се применува на сите подеднакво, појаснува Малеска.

Според неа, симболизмот е ефективен во групните конфликти во мултиетнички држави, бидејќи барањата на заедниците се камуфлирани зад навидум безопасни идеи и асоцијации. На пример, поставување џамии или крстови се оправдува со верски слободи итн.

-Не можам да бидам сигурна дали зад црквата, во овој конкретен случај стои некоја политичка партија, меѓутоа, не може ваква институција да не го познава политичкиот контекст и правилата на општина Тетово за подигање на градба, како 15 метарскиот крст. Прочитав негде изјава, дека ако може да се подига бесправно џамија на државно земјиште, може и крст на црковно земјиште, оценува соговорничката.

Според неа, тука е основниот проблем – нема култура на почитување на закон, а општинските власти се наспособни, неефикасни или не сакаат да ги спроведуваат законите.

-Во момент кога општинското собрание ќе донесе одлука да се урнат околу 3000 дивоградби меѓу кои и крстот, настанува хаос, бидејќи многу лични и групни интереси на моќни луѓе се засегнати. Тогаш, најлесно е да го извадиш крстот од контекст на решавање на дивоградбите и да направиш политички проблем. Да зборуваш дека со тоа се нарушуваат верските права и слободи на Македонците и на таа основа да извадиш стотици граѓани на улица, на протест. Да ги раскараш Тетовчани, наведува проф. Малеска и додава дека тоа е жално, бидејќи меѓуетничката доверба споро се гради, а лесно се губи, доколку не проработи разумот.

-Има индикации дека сепак не сме дотаму бесчуствителни: црквата најави одбрана на своите права со правни средства, смирувајќи ја ситуацијата. Се надевам тоа ќе го направат и водствата на сите политички партии во Тетово, заклучува професорката.

Вчера министерката за одбрана и нејзиниот заменик го предупредија тетовскиот градоначалник наместо да подгрева меѓутнички  тензии за ситни политички поени да се занимава со локалните проблеми. Истакнаа дека квази патриотизмот повеќе не поминува кај граѓаните. По жестоките реакции од политичките партии дека Општината донела решение за уривање на крстот, Петровска и Јајага порачаа да не се враќаме во минатото бидејќи така не се станува членка на ЕУ.

Крстот на Попова Шапка беше поставен на 16-ти ноември на земјиште сопственост на МПЦ-ОА и храмот „Свети Наум Охридски Чудотворец“. Од црковниот одбор посочија дека е поставен како верско обележје и претставува урбана опрема.

Н.П.

Слични содржини