Шведски научници дојдоа до значајно откритие кое може да им помогне на милиони жени ширум светот во раната дијагноза на ракот на дојката.
Употребата на вештачка интелигенција во дијагнозата на рак на дојка ги зголемува за 20 отсто шансите за откривање на болеста преку мамографски преглед во споредба со традиционалниот скрининг што го вршат радиолози, покажа студијата чии резултати беа објавени во стручното списание „Lancet Oncology“.
„Анализата на мамографските скенирања извршени од еден или двајца радиолози со помош на вештачка интелигенција е исто толку добра како работата на двајца радиолози без употреба на вештачка интелигенција и доведе до откривање на 20 отсто повеќе видови на рак“, се вели во студијата спроведена на Универзитетот Лунд во Шведска.
Како што се додава, вештачката интелигенција значително ја намалила работата на радиолозите и времето на читање мамографи – за дури 44,3 отсто.
Истражувањето е спроведено во Шведска на примерок од повеќе од 80.000 жени, од кои едната половина ги анализирале резултатите самите радиолози, додека другата половина користела вештачка интелигенција.
Иако првите резултати влеваат надеж, сепак се чека конечната анализа на студијата која треба да покаже дали мамографијата со употреба на вештачка интелигенција е безбедна и пожелна и кои ризици ја придружуваат.
ЕУ сè уште го нема регулирано прашањето за користење на вештачка интелигенција.