Генералниот директор на ЈП Водовод и канализација-Скопје, Душко Весковски ги демантираше обвинувањата дека користел пари од претпријатието за пиење кафе и одење во кафеани.
-Во изминативе четири години ниту еднаш лично не сум искористил средства од ЈП Водовод и канализација – Скопје за кафе, кафеани и ресторански услуги. Само за споредба во 2016 година кога на чело на претпријатието е кадар на ВМРО-ДПМНЕ за спонзорства и донации се потрошени 19.170.983 денари, а во 2021 година се потрошени 2.235.170 денари, средства кои се искористени за потребите на синдикатот на претпријатието со што се изврши реновирање на одмаралиштето во Претор кое го користат вработените на ЈП Водовод и канализација – Скопје, вели Весковски.
Тој додава дека никогаш во изминативе четири години не користел службен мобилен апарат и не трошел средства на претпријатието за набавка на скапи мобилни телефони.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски денеска обвини дека Весковски од парите на претпријатието за девет месеци на кафе и кафеани има потрошено 1.323.419 денари, речиси 22 илјади евра.
-На кафе и кафеани само во ресторани Душко Весковски има потрошено 17 илјади евра. Толку пари од ЈП ‘Водовод’ се потрошени за репрезентација според извештајот што беше презентиран пред јавноста на седницата на Советот на Град Скопје, истакна партискиот портпарол.