Весковски најавува центар за стручна помош и поддршка на деца со попреченост и нивните семејства

од Nikola Popovski

Во основните училишта и градинките на територија на Општина Карпош се вклучени вкупно 99 деца со попреченост на возраст од 2 до 10 години, што е само 19% од вкупниот број на деца со попреченост или одредени развојни потешкотии кои живеат во нашата општина. Бидејќи сите истражувања поврзани со раниот детски развој потврдуваат дека искуството кое го стекнуваат децата во текот на раното детство имаат трајно и значително влијание во понатамошниот живот на децата, во мојот мандат како приоритет ќе биде развивање на социјалните услуги за помош и поддршка на децата со попреченост и нивните семејства, соопшти кандидатот на СДСМ за градоначалник на Карпош, Душко Весковски.

Тој најавува дека во првата година од неговиот мандат во просториите кои порано беа користени како дневен престој во ОУ Вера Циривири Трена ќе се отвори првиот центар за стручна помош и поддршка на децата со попреченост и нивните семејства од Општина Карпош.

-Центарот ќе обезбедува индивидуален третман и психосоцијална поддршка преку современи терапевтски методи, а дополнително ќе се уреди дворната површина пред центарот за активности на отворено, со поставување на сензомоторен двор кој ќе се користи за терапевтски цели. Дворот е со површина од 140 м2 , од кои на дел ќе се постави мек под (под реквизитите), а останатиот дел од дворната површина ќе се покрие со ситни каменчиња и сензомоторни патеки. Дворот ќе се уреди и хортикултуно, а ќе се реконстуира и влезот во објектот со промена на пристапната рампа согласно утврдените стандарди.

Она што сакам да го нагласам од тука е дека ќе се вложиме максимално за вклучување на децата со попреченост и во детските градинки во Карпош, односно стручните лица од овој центар ќе спроведат обуки за подобрување на вклученоста на децата со попреченост во сите детски градинки и ќе даваат стручна помош и поддршка на сите деца со попреченост и нивните семејства кои ќе бидат вклучени во градинките.

Во однос на дворот на ОУ Вера Циривири Трена во мојот мандат ќе се реновира игралиштето за одбојка што се наоѓа до игралиштето за кошарка, а на површините кои се бетонирани и не се користат ќе се постави мек под и реквизити за вежбање на отворено, така што тој дел ќе прерасне во еден мини спортски центар за жителите на Карпош 2.

Како поддршка на раната инклузија, дополнително сите детски игралишта на територија на општината ќе бидат надополнети со реквизити кои можат да ги користат и децата со попреченост, а во сите јавни набавки за капитални инвестиции или реконструкција задолжителен услов за да се добијат средства од општината ќе биде пристапноста. Во сите основни училишта ќе оспособиме и соби за релаксација, а ќе вложуваме и училниците да станат инклузивни. Со ова сакам да најавам дека општина Карпош ќе стане најинклузивната општина на територија на град Скопје.

Инклузивноста и социјалната поддршка нема да завршат тука. Општина Карпош годишно ќе обезбедува средства за обука на 50 невработени лица кои се жители на Карпош за лична асистенција и помош и нега во домот. Тие ќе се вработат во општинскиот сервис за помош, нега и лична асистенција кој го отвори нашата општина во 2021 година, а ќе можат и самостојно да бидат даватели на услуга.

Надоместокот за извршената услуга е определен и покриен со државни средства, односно за 40 часа неделен ангажман ќе добиваат 40.000 денари бруто (250 денари од еден час, стои во соопштението на Весковски.

Слични содржини