Од Влае до Карпош 1 и од Бардовци до Трнодол владее победничка енергија, истакна кандидатот за градоначалник на СДСМ, Душко Весковски на партиската трибина во општината. Тој кажа дека чувствува голема одговорност, бидејќи за него Карпош не е само територија, туку симбол на неговото детство, пријатели и семејство.
-Како директор на ЈП Водовод и канализација со многу вложен труд и енергија ги поместивме сите граници и успеавме да бидеме препознаени и наградени за сработеното во ЈП Водовод, а тие успеси ќе ги преточам во општина Карпош. Карпош треба да биде уште подобро место за живеење, преку хумана урбанизација, економски развој, дигитален систем, инфраструктурни инвестиции, зелена агенда, кажа Весковски.
Тој додаде дека ќе гради две нови детски градинки, општински центар на културата, ќе се посвети и на економијата и инфраструктура за да се создадат нови можности за младите.
-Започна да се реконструира и спортската сала Партизан, каде ќе се гради и базен. Програмата е насочена кон секој еден граѓанин на општината. Предвидена е и изградба на катна гаража кај ТЦ Лептокарија, како и голем зелен парк во Карпош 4. Ќе донесеме убедлива победа во Карпош каква што немало до сега, заклучи Весковски.