Катната гаража околу комплексот ТЦ „Лептокарија” со зелен парк над гаражата е еден од капиталните проекти во нашата програма за најдоброто за Карпош, информира денеска кандидатот за градоначалник на општина Карпош, Душко Весковски.
Според него, со ова ќе се надмине предизвикот од недостиг на паркинг-простор во овој централен и најфреквентен дел од општината, односно ќе се реши долгогодишниот проблем со паркирањето на жителите, но и на посетителите на објектите во комплексот на ТЦ „Лептокарија”, а воедно и ќе се збогати и хуманизира просторот околу објектот.
-Овој проект ќе се реализира до крајот на 2024 со меѓуопштинска соработка со Град Скопје. Катната гаража ќе биде на едно ниво, 90х50 метри, со 130 паркинг места и зелен парк на покривот каде ќе бидат конструирани 4 спортски игралишта. Предвидено е влезот да биде од страната на ул. Никола Русински, а излезот од страната на ул. Карпошово Востание. При изведување на овој проект нема да се наруши подземната инфраструктура, соопшти Весковски.