Богдановиќ за катната гаража кај Собрание: Инвеститорот воопшто немаше отпочнато градба на парцелата во рок од две години од кога ја добил правосилноста

од Nikola Popovski
614 прегледи

Поништувањето на одобрението за градење е во целост донесено согласно законот за градење и законот за инспекциски работи. Инвеститорот воопшто немаше отпочнато градба (отпочнување на градба е дефинирано со закон) на спомената парцела во рок од две години од кога ја добил правосилноста, а тоа е потврдено од запинсик на градежен инспектор, со писмо од страна на инвеститорот каде сам признава дека не почнал градба и вештачење спроведено од страна на бирото за судско вештачење, објави поранешниот градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ за неизградбата на катната гаража до македонското Собрание.

Според него, во пресудата никаде не е одлучено мериторно со тоа општината може повторно да ја повтори постапка и да донесе исто решение согласно ситуацијата на терен и фактите, аргументите и документите кои ги поседува.

-Решението за поништување на одобрението за градба кога беше донесено од наша страна е донесено со позитивните законски норми и со утврдување на фактичката состојба на терен. За сето тоа има обемна документација во самиот предмет, стои во објавата на поранешниот прв човек на општина Центар.

Државата планира да го експроприра земјиштето во непосредна близина на македонското Собрание и да го врати во државна сопственост, откако МВР не даде согласност на таа површина да се гради катна гаража, оценувајќи дека изградба на комерцијален објект до Собранието е безбедносен ризик и може да предизвика импликации во работењето на институциите.

Според премиерот Христијан Мицкоски, точно е дека Собранието е небезбедно со изградбата на овој објект, но вели „мораме да водиме сметка и компанијата-инвеститор да не биде во загуба затоа што некој се однесувал незрело тогаш“.

-Затоа треба да најдеме начин во кој сите ќе добијат, посочи претседателот на Владата, посочувајќи дека вистинската адреса за оваа тема е Собранието.

Проектот за изградба на катната гаража до Собранието не доби позитивно мислење од Министерството за внатрешни работи. МВР утврди дека изградба на комерцијален објект до Собранието е безбедносен ризик и може да предизвика импликации во работењето на институциите.

Одобрението за градење е добиено во 2014 година, но за 4 години подоцна, во 2018 година, градежната дозвола за гаражата е поништена од страна на Општина Центар, бидејќи биле пропуштени роковите за градба. Сепак, по жалбата на инвеститорот и неколкугодишната судска постапка, дозволата за градба повторно си ја враќа, но од Општината велат дека во моментов немаат никаков правен механизам со кој би го спречила градењето.

Во јуни 2013 година на електронска аукција во Министерството за транспорт и врски, земјиштето од 2.455 метри квадратни го купи фирмата „Анго“ ДООЕЛ за 8.355 денари или за околу 135 евра за метар квадратен. Планот предвидуваше гаражата да биде висока девет метри, а 15 отсто од објектот можеше да биде деловен простор.

Катноста на објектот согласно Детален урбанистички план е П+2, а влезот е предвиден од пристапната улица помеѓу Собрание и Дом на АРМ.

Слични содржини