Спасовски за најавите за помилување на осудените од 27 април: Претседателката треба да даде одговор на тие што им вети и што очекуваaт од неа или да им каже дека беше преизборна манипулација

„27 април“ низ призма на тогаш нападнатите: „Настаните се најцрната дамка на демократските вредности и развој на Македонија“

од Nikola Popovski
215 прегледи Фото: Фејсбук

Пред девет години на истиот овој ден од неделата се случи „крвавиот четврток“ кога демонстранти, а меѓу нив и маскирани лица, упаднаа во Собранието и нападнаа пратеници, но и медиумски работници. И после тогашните крвави сцени и судските пресуди за „терористичко загрозување на уставниот поредок“, јавноста останува поделена што всушност беа напаѓачите. Тогашната опозиција долго време притискаше за амнестија, тогашната власт порачуваше дека насилството нема да се заборави и да се дозволи да се повтори, а дел од обвинетите сè уште се надеваа на нови судски процеси. Настаните од 27 април беа споменати и во изборната кампања во 2024 година, со оглед дека претседателката, а тогашна кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова најави дека доколку дојде на позицијата шефица на државата, ќе ги помилува осудените од 27 април.

Немилиот настан и натаму остава простор на поделби и политички пресметки и претставува незатворена рак-рана на длабоко поделеното општество.  Во обид да дознаеме каков траг остави крвавиот упад и како се гледа на тој ден од денешен аспект, „Локално“ поразговара со еден од луѓето кои беа во прес-салата на Собранието во тие критични моменти. Според координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, настаните од 27 април 2017 година се најцрната дамка на демократските вредности и развој на Македонија. Како што вели, ден кога со насилно влегување во Собранието требаше да се спречи промената на тогашната власт предворена од ВМРО ДПМНЕ.

-Секако дека нападот на највисокиот законодавен дом е удар врз уставниот поредок, настан кој е и со пресуда потврден. После таквите настани се променија многу нешта во политичкиот, но и општествениот живот на Македонија, но за жал не се променија тогашните нарачатели и извршители во начинот на нивно делување, вели Спасовски во изјава за „Локално“.

Минатата недела, осудените за насилството останаа и без последната надеж дека ќе се повтори судењето, откако Апелациониот суд донесе одлука со која барањето не им се прифаќа. Екс-министерот за внатрешни работи не ги коментира судските одлуки туку само порача дека времето е најдобар коментатор на сите одлуки и политички и судски.

Колку за потсетување, Силјановска Давкова во март 2024 година изјави дека доколку стане претседателка ќе ги помилува лицата осудени за упадот во собранието на 27 април 2017. Таа рече дека делото што им било ставено на товар за време на судењето („терористичко загрозување“) не одговарало на степенот на насилството и дека оваа квалификација била одредена од новинар.

-Тоа се случи за оние кои не сакаа амнестија, сакаат да ја докажат правдата. Ако не завршат постапките во Стразбур и ако сѐ уште се во затвор – да, ќе ги помилувам. Така ќе дојде до помирување , рече тогашната кандидатката за претседателка, а денеска актуелна носителкна на функцијата. Запрашан за ваквата изјава и најава, Спасовски вели:

„Доколку се што ветуваа и исполнија, до сега претставниците на власта меѓу кои е и претседателката ќе беше поништен договорот од Преспа и Договорот со Бугарија и ќе се сменеше Преговарачката рамка… Претседателката треба да даде одговор на тие што им вети и што очекуваат од неа или да им каже дека тоа беше преизборна манипулација“, истакна пратеникот од СДСМ.

Фото: Принтскрин/Јутјуб

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарски прашања, кажа дека тоа е политички монтиран случај од претходната влада. Според него, како што вели, невини луѓе беа прогласени за терористи, но дека направиле одреден престап и за тоа требаше да одговараат.

-Тие одговараа за тероризам, нешто што беше невидено во тој момент. До другите информации од тој период, самите обвинители и судии сведочат за фингирани процеси и уценети судии, политички наредби…Луѓе беа ослободувани од притвор за да гласаат за уставни измени. Јасно имам кажано дека како држава не можеме да одиме напред, ако не се добие договор како Катица Јанева ги задолжи обвинителите од СЈО да вршат терор врз македонските граѓани и да се дознае правата вистина за 27 април. Се останато е во рамките на правосудните органи, кажа Мицкоски.

Упадот во Собранието на 27 април 2017 беше кулминацијата на двегодишната политичка криза, која заврши на 31 мај 2017 со формирање на влада составена од СДСМ, ДУИ, и Алијансата за Албанците и предводена од тогашниот лидер на СДСМ, Зоран Заев.

Упадот се случи додека тогашното владејачко мнозинство го избираше Талат Џафери од ДУИ за нов претседател на Собранието. Лицата кои упаднаа во Собранието, на повик на иницијативата за „Заедничка Македонија“ и на приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ, се обидоа да го спречат изборот на Џафери за претседател на Собранието.

Во првиот судски предмет за упадот во Собранието беа обвинети 33 лица, од 15 лица беа помилувани, со законот за амнестија од 2018 година. Амнестијата ги опфати тогашните петтемина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски.

Амнестирани беа и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен и Владо Јовановски. Игор Дурловски, кој беше во оваа група, не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда. Со амнестијата се спасија и браќата Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.

Во предметот познат како „Организаторите на 27 април“, обвинети беа поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, како и тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Таа постапка уште трае. Во овој предмет беа опфатени и поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и ескразузнавачот Никола Бошковски. Тие се во бегство и се недостапни за органите на прогонот.

За останатите 16 осудени, судот донесе пресуда со вкупно 188 години затвор. Најдолга е казната за Чавков, 16 години, а најкратка за Абдуљфета Алими (6 години) и за Александар Василевски-Нинџа(7 години).

Н.П.