Нашата политика во наредните четири години е фокусирана на подигнување на нивото и квалитетот на одржување на постојното зеленило и садници и воспоставување нови зелени површини, а клучниот капитален проект е изградбата на големиот зелен парк спроти населбата Карпош 4, вели кандидатот за градоначалник од СДСМ, Душко Весковски.
„Еден од нашите главни приоритети е одржување на високо ниво на комуналната хигиена и урбаната опрема во Општината, за што ќе ангажираме соодветен број комунални редари. Во соработка со НВО, градските јавни претпријатија и општествено одговорните компании, нашата политика е Карпош да прерасне во општина со „нула отпад“. Нашата политика е сите објекти за згрижување на деца, образовни и културни институции, да бидат претворени во енергетски ефикасни објекти, со уредени зелени површини. Иако климатските промени, заштитата на водните ресурси и пречистувањето на отпадните води се прашања за кои општината нема посебни ингеренции, нашата политика во наредниот четиригодишен период е активно да се вклучиме во активностите што ги спроведуваат Владата и Град Скопје“, вели Весковски.