„Ветувањата на Богдановиќ стабилни ко дрвја“: Протест поради сечата на „Орце Николов“

од Vladimir Zorba
339 прегледи

„Ветувањата на Богдановиќ стабилни ко дрвја“, „10% помалку зеленило=8 степени повисоки градски температури“, „Температурата под сенка е 11-25 степени пониска“ беа само дел од пораките кои граѓаните ги испратија денеска на протестот поради сечата на дрвјата на „Орце Николов“.

Граѓаните протестираа против, како што велат од Коалицијата на локални граѓански здруженија „Зелен хуман град“, неодговорниот и манипулативен однос на властите, кои го оправдуваат овој најнов масакр врз кревкото градско зеленило со наводна дотраеност на дрвјата, иако повеќето од исечените дрвја беа со зелени крошни и обезбедуваа воздух и сенка за локалните жители.

Општина Центар денеска соопшти дека останува посветена на остварување на заложбите за создавање на чиста, уредна и еколошка општина, општина која треба да претставува пример за другите општини во државата.

„Оттука, во целост го разбираме најавениот протест на граѓаните по повод сечењето на дрвата на улицата „Орце Николов“ и потполно го поддржуваме правото на слобода на говор и изразување. Во однос на барањата упатени до Општина Центар од организаторите на протестот, „Зелен хуман град“, сакаме да разјасниме неколку дилеми кои изминатите денови кружат во јавноста“, соопштија оттаму.

Издадено е решение за отстранување на 13 дрва, од кои отстранети се 8, по претходно извршени испитувања од надлежните стручни служби, каде е утврдено дека се работи за стари, болни и оштетени дрва. Крошните на дрвата чии гранки се кршеа при секое поголемо невреме во градот претставуваа опасност за граѓаните и минувачите. Во повеќе наврати до општината од жителите од околните згради има пристигнати писмени барања за отстранување на дрвата. Оние дрва што се отстранија, ќе се заменат со нови, висококвалитетни садници, а за останатите ќе се бараат дополнителни решенија, велат од Центар.

Слични содржини