„Република Македонија останува конструктивен и активен актер во регионалната стабилност. Главната цел на Македонија останува членството во НАТО и во ЕУ“, истакна премиерот Никола Груевски на генералното собрание на Обединетите нации, кое од 28 септември до 3 септември се одржува во Њујорк.
– Сите реформи што се случуваат во Македонија се во тој дух. Без разлика на сите внатршнополитички случувања, не треба да има пречка за нашите напори. Едно прашање директно влијае врз мојата земја, а тоа е разликата на Грција, односно нејзиното противење на уставното име Република Македонија. Нашата позиција е добро позната и таа е во контекст на реалноста. Ние сме Македонци, говориме македонски јазик и живееме во држава која се вика Република Македонија. Одлуката на Меѓународниот суд на правдата треба да се почитува од сите членки на оваа организација, затоа што тој суд е организиран и е под покровителство на ОН. Во спротивно, довербата во ОН ќе опаѓа. Не е добро да се добие впечаток дека ОН стојат и се пречка на овој наш пат. Треба да најдеме решение како две пријателски земји, кои, освен овој, немаат други проблеми. Би сакал да ја повикам новата влада во Грција во духот на добрососедските односи да го решиме ова прашање како соседи, почитувајќи ја Привремената спогодба од 1995 година, која е под покровителство на оваа организација – рече Груевски.
За потсетување , во 2007 година тогаш како претседател на Македонија свој говор во ОН одржа и Бранко Црвенковски. Тој својот говор го заврши со цитатот “Името на мојата земја е Република Mакедонија и ќе биде Република Македонија”. Во тоа време претседател на Генералното собрание на ОН беше Срѓан Керим, кој пак после говорот на Црвеновски беше критикуван од грчките власти бидејќи Црвенковски неколку пати го претставувал како “Претседател на Република Македонија”