
Жителите на село Симница од Гостивар се исплашени од тешката болест од која за 48 часа починаа татко и син, а многумина други, со слични симптоми, побарале помош во гостиварската инфективна болница, а кои потоа се упатени на скопската клиника, пренесe Алсат-М.
„Не знам како да го коментирам последниот случај. Ние сме од село Симница.
АЛСАТ: Каква е состојбата во селото?
– Јас сум тука од утрово и не знам како е. Ги направив анализите и тие се добри. Дојдов да видам како стојат работите, но анализите се добри.
АЛСАТ:Дали има други случаи на болни во Симница?
– Да, но тие се испратен во Скопје и ќе видиме“.
„Според информациите од инфективна, разбрав дека се работи за семејна трагедија, каде татко и син од семејството Мифтари од село Симница починале. Се уште не ја знаеме причината. Знаеме дека таткото пред неколку дена заминал на скопската клиника без да побара помош кај нас, а вчера неговиот син дошол во инфективната клиника, примил терапија, но лекарот забележал дека неговата здравствена состојба се влошува и го испратил на инфективната клиника во Скопје“, рече Илбер Адеми, директор на болницата во Гостивар
Инфективната клиника во Гостивар ги повика лицата кои имаат симптоми како: пролив, висока температура и повраќање, веднаш да побараат лекарска помош. Селото Симница се наоѓа на десет километри од Гостивар, а тамошните жители претежно се занимаваат со земјоделство и сточарство.
Во Тирана и Приштина се испитува од што починале двајцата гостиварчани на Клиниката за инфективни болести, откако пред пет дена биле хоспитализирани во тешка состојба. Министерот за здравство Арбен Таравари, вели дека засега примероци за анализа се пратени во Тирана и Приштина како најблиски, а дека анализи се прават и во Скопје. Првични резултати треба да има денес попладне.
„Сега засега анализи се прават во Тирана, Приштина и Скопје. Ако резултатите од овие анализи се исти нема да бараме дополнителни. Но, ако не се поклопуваат ќе побараме дополнителни анализи во лаборатории во други земји“, вели Таравари.
Тој во видео изјава на фејсбук профилот на Министерството за здравство изрази сочувство до семејството на починатите пациенти и кажа дека Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство уште вчераутро се состанала и ги презела сите потребни мерки во вакви ситуации.
„Би сакал да кажам дека останатите седум луѓе кои се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести се во стабилна состојба и дека надвор од секаква опасност од комплицирање на нивната здравствена состојба“, вели во видео изјавата Таравари.
Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство вчера во 10 часот повторно треба да се состане.
Починатите пациенти на Клиниката за инфективни болести биле хоспитализирани пред пет дена во тешка здравствена состојба, со висока температура, пролив и повраќање. Звонко Миленковиќ, директор на Инфективна клиника и претседател на Комисијата за заразни болести, вчера изјави дека пациентите биле со тежок фебрилен синдром, кој зафатил повеќе органи, а пред се црниот дроб, бубрезите и имало згрутчување на крвта. Тој појасни дека се сомневаат на повеќе причинители, кои векторски ги пренесуваат инсекти и животни, и не сакаше да издвојува ниту една додека не ги добијат резултатите од анализите. Миленковиќ рече дека пациентите се на возраст од 24 и 50 години и дека станува збор за здрави лица, кои претходно немале други заболувања. Едниот пациент починал уште истиот ден кога е хоспитализиран, а другиот починал вчераутро.