Во првото телевизиско интервју по обидот за пуч, дадено за CNN International, турскиот претседател Ердоган зборуваше за враќањето на смртната казна, повикувајќи се на, како што рече, барањата од народот.
– Се работи за предавство и барањето не може да биде одбиено од страна на владата. Но, се разбира, тоа може да биде донесено од Парламентот во форма на уставена измена, што значи лидерите ќе треба да дискутираат за тоа и ако тие изгласаат, јас како претседател ќе ја одобрам секоја одлука што ќе произлезе од парламентот – рече Ердоган во интервјуто.
Коментирајќи ги повиците на луѓето за смртна казна за заговарачите на државен удар, Ердоган рече:
„Зошто да ги чувам и да ги хранам во затворите, со години? – Тоа го вели народот. Тие сакаат брз крај, затоа што луѓето изгубиле роднини, соседи, деца … тие страдаат и се многу чувствителни, па и ние мора да дејствуваме многу разумно и чувствително“, додаде тој.
Ако Турција повторно ја воведе смртната казна, нема да може да се приклучи кон Европската унија, рече шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.