(ВИДЕО) Груевски : Изградба на 140 детски градинки, од кои 100 комплетно нови

од desk3
99 прегледи

На малите деца им се потребни градинки кои ќе бидат цврста основа за нивниот воспитно-образовен развој. Подеднакво важно е и да има повеќе капацитети кои ќе овозможат добра и квалитетна услуга во тие градинки. Пристапноста до градинки честопати има влијание и при носењето на одлуката на родителите околу проширувањето на нивното семејство, и особено родители кои работат а немаат друга алтернатива за чување на децата, се многу зависни од можноста за испраќање на детето во градинка. На тој начин градинките имаат и влијание на наталитетот, односно демографијата во државата, изјави денеска на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој го промовираше проектот за изхрадба на 140 државни детски градинки, од кои 100 ќе бидат комплетно нови. Проектот според проекциите ќе чини околу 25 милиони евра.

 

 
Груевски нагласи мдека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ изминативе години целосно се посветила на потребата од зголемување на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст односно отворање на нови детски градинки.

– Се реализираа и низа мерки со кои ги поттикнуваме родителите да имаат повеќе деца знаејќи дека наталитетот е проблем во Република Македонија, но и во цела Европа. Од тие причини во поголем број на општини се јави потреба од постоење на повеќе градинки што укажуваше дека се раѓаат и повеќе деца како потврда на нашите политики насочени кон придвижување на демографските состојби во позитивен правец. Потребата од повеќе градинки е првиот индикатор дека имаме одреден успех во напорите за раст на наталитетот, иако сме свесни дека треба многу повеќе за да дојде до позабележителни резултати на долг рок, рече Груевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ сподели неколку бројки и статистики, за кои како што рече, охрабруваат.

-Македонија е единствената земја во јужниот дел на Европа која има РАСТ во бројот на родените во периодот од 2005 до 2015 година. Во 2005 година е забележан најмалиот број на родени бебиња во историјата на Македонија. Во 2005 година се родени 22.482 бебиња. Минатата 2015 година се родени 23.106 бебиња, што претставува зголeмување од 2,8 проценти. Истовремено, сите останати земји во Јужна Европа имаат големи падови во бројот на родените бебиња во периодот од 2005 до 2015 година, а само Македонија има раст. Евe неколку бројки: Португалија има пад минус -21,6 %, односно пад од 109.000 родени бебиња на само 85.000 бебиња во само 10 години. Италија има пад во родените бебиња од 554.000 во 2005 година, на 488.000 бебиња во 2015 година. Тоа е пад од 11,9 проценти во периодот од 2005 година до 2015 година. Потсетувам, единствено Македонија има раст во бројот на родените од 2005 до 2015 година од 2,8 проценти во бројот на родените бебиња, рече Груевски.

Тој нагласи дека потребата од нови градинки оди и заедно со намалување на невработеноста, и се повеќе семејства каде и двата родитела имаат работа, работно време имаат и потреба детето да го однесат во градинка. Што се однесува до капацитетот на градинките, овој недостаток е и резултат на децениската запоставеност во изградбата на градинките.

-Практично имаме децениска стагнација на овој план, како во деведесетите, така и во првите години од минатата деценија кога имаме практично целосно запоставување на изградбата на градинки. За време на владеењето на СДСМ ниту градинки се изградени, ниту пак е направено проширување на постојните капацитети. Тој застој е видлив и цената ја плаќаат денешните генерации. Безмалку сите градинки до 2006тата беа изградени во времето на поранешната Југославија, и со ретки исклучоци тука речиси да застана инвестирањето во нови градинки. Но дури и во тој период на Југославија изградени се многу малку градинки. Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ се придвижија работите. Почнаа да се градат градинки, да се пренаменуваат условите и опремуваат расположливите капацитети, се градат и енергетски ефикасни објекти, рече Груевски.