(ВИДЕО) Груевски: Планот им е да се уништи ВМРО а ние да лежиме во притвори, ќе се преброими, прочистиме и повторно ќе ги победиме

од Vladimir Zorba
94 прегледи

Смислиле идеја, или некој им ја смислил- да се замолчи ВМРО и медиумите. Да се уништи ВМРО, да се нападне со купишта обвиненија, со барања притвори, со одземања пасоши и јавувања секоја недела во суд, да им се загорчи животот на политичките опоненти за да замолчат или да ги снема. Јаки демократи. Без никакви докази дека нешто прекршиле да се влечкаат секоја недела по судовите, да губат време со адвокати, рочишта, и да се гради за нив слика дека се нечесни, додека Заев да ги исполни ветените работи кон оние кои го донесоа за премиер, а на грбот на народот, на државата, на државните и националните интереси.

Ова го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој се обрати на 26-та Годишната конференција на УМС.

-Ние од ВМРО да лежеме во притвори, за тој да го смени името и идентитетот на македонскиот народ. Ние да молиме да ни ги вратат пасошите додека тој да го исполни тоа што го ветил за договорот со Бугарија. Ние секоја недела да се јавуваме во суд и народот да се занимава со тоа, министерот за пропаганда да ги притиска медиумите да говорат само за тоа, додека Заев да ги плати фактурите поврзани со законот за јазиците. Ние да изгледаме виновни, додека тој не го нагази доволно судот да го ослободи од судскиот процес за барање поткуп…., она со Вицето… Но, не можат нам толку обвиненија да ни исштанцаат колку што можат глупости да направат.

Со други зборови, додаде Груевски, ВМРО ДПМНЕ да се занимава само со себе, со пријави, притвори, пасоши, со платеници кои треба да глумат реформатори на партијата, додека Заев да го исполни ветувањето дека ќе ја редефинирал државата.

-И мисли дека многу паметна работа смислил, кој знае што си мисли за себе, особено кога од надвор ќе го потапшаат по рамо и ќе му пратат и објават некоја анкета каде СДСМ води. Па нас редовно се обидуваа да ни подметнат такви работи. Надвор од нашите редовни анкети кои ги правевеме, на кои низ целиот период се рефлектираше подршката од мнозинството граѓани, повремено ќе ни уфрлеа анкети од надвор на кои водиме, ама многу повеќе од реалното. И оп, по 2-3 дена одкако ќе ги објавеа, случајно ќе стигнеше некој странец да ни каже дека сега му е мајката да се било ХРАБАР за името и за слични работи, бидејки сме имале огромна подршка. А тоа „храбар“, значеше… знаете што значеше. Истата песна сега на Заев му ја свират, рече Груевски и додаде:

„Но, ние немаме право ниту да се смееме, ниту да им даваме фора и комоција да прават што сакаат. Како што и самите гледате во начинот на делување на сдс кон неистомислениците, државата се врати во 1948, а во реализација на проекти се врати во славното Бранково време кога сите чекаа по еден вработен од секое семејство, а Бранко си се смести во претседателскиот кабинет заборавајќи што ветил. Исто така, немаме време ни за жалење ни за кукање. А и не не доликува.“

 

Одиме напред со нов план за победа на идните парламентарни избори и формирање на влада, најави Груевски.

-А во меѓувреме, ако вака продолжат тогаш ќе им порачам дека без разлика дали Груевски ќе е жив или не, политички активен или не, тие ќе бидат проголтани од сопствените методи кои во моментов ја узурпираат и спречуваат целта на нивните налогодавци.

Тие отворија спирала на гнев и фрустрации, базирани на огромна омраза, која го дели народот, и наместо да работат на приближување на народот, помирување на народот, тие продолжуваат со методи на бркање, закани, тужби, пријави, обвиненија, укинување на медиум и слично.

Слушам, додаде Груевски, дека планирале разни игри за локалните избори, дека сакале со помош на полицијата и структурите кои им помогнаа на парламентарните избори вклучувајќи и во албанските средини, повторно да прават исти нечесни трикови и операции, и во Скопје, и во неколку други општини.

-Сакам да им порачам да не си играат со трпението и вољата на народот, и дека за тоа, ако се обидат,  ќе ги стигне казна, и пак ќе изгубат од врмо дпмне како партија, односно ќе имаат далеку помал вкупен број на гласови. Тоа ќе биде важно за да се влезе потоа во политички процес кој ќе води кон нови парламентарни избори, а по нашата победа на тие избори ние имаме план како да формираме влада, во која секако ќе бидат застапени и албанските граѓани преку нивни партии, и која заедно со сопствени сили и со подршка на партнерите од меѓународната заедница ќе ги решава проблемите на Македонија, подвлече Груевси и додаде:

„ВМРО во изминатиот период беше стигматизирано во повеќе погледи особено и во полето на надворешните односи, но она што ние го водевме како полемика беше дебата на аргументи и прицнипи. Во наредниот период ќе поработиме на развој на односите и соработка со пријателите на Република Македонија, пред се заради интересите на Македонија, средувањето на односите со поедини западни пријатели и уривање на стереотипите кои Албанците ги имаат за нас дека ние им сакаме лошо. Тоа не е вистина. А многу брзо ќе се покаже дека сме говореле исправно“.

Груевски од Охрид порача дека вистината ќе победела.

-Ние ќе победиме. Заеднички, сплотени, зошто ВМРО е повеќе од партија, тоа е идеја, тоа не се поединци, тоа е кауза која е во секој од нас. Јас знам дека ќе загубат, а тоа го знаете и вие. Овој хаос неможе да трае. Ова граѓаните го препознаваат колку и СДС да се обидува со нивните емоции конструирајки афери и ситни провокации на лична основа. На крај, идејата ќе ја победи нивната омраза. Идејата за силна Македонија, за Македонија со која сите ќе се гордееме. Во вас е иднината на нашата партија. Во вас е иднината на државата. Не заборавајте го тоа. Следете го патот на вашиот идеал и визија. Следете го она во што верувате само тоа е исправниот пат… лажните идеали секогаш крахираат и завршуваат лошо. Вистинската верба во каузата на ВМРО е тоа што ја крепи и ке ја крепи нашата партија и државата – рече Груевски.