(ВИДЕО) Калајџиев: Незамисливи се амнестии за упаѓање во Собрание

од desk4
84 прегледи

Неприфатливи и незамисливи се амнестии за упаѓање во Собрание во парламентарна демократија. Вака професорот по кривично, Гордан Кајалџиев реагира на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за ослободување од одговорност на сите учесници во собраниските нереди на 27-ми април. Ние го бараме спротивното, вели тој. Бараме да почне да се применува правдата и сите да одговараат за делата, пренесува Телма

„Што би значело тоа, која е пораката што би се пратила преку тоа? Идејата за делумна амнестија на сите затвореници е нешто друго, тоа е вид компензација можеби делумно за лошите услови во затвор, пренатрупаноста на затворите. Овие амнестии однапред за неодговорност на цели групи на сторители на тешко кривични дела против слободите, против државата се апсолутно неприфатливи“, истакна Гордан Калајџиев, професор по кривично право.

За амнестија не треба воопшто ниту да се размислува, а не да се преземе таков чекор. Дел од правниците коментираат дека прифаќањето на ваквата иницијатива со која сите од 27-ми април би се исклучиле од законот, би значело продолжување со неодговорноста, односно пролонгирање на политичката криза.

„Јас мислам дека онака како што е опишано во кривичниот законик, она што се случуваше во Собранието е акт на тероризам. Ако е така, тогаш која е поентата да амнестирате терористи. Со терористите едноставно не се преговара. Немаме потреба понатаму да зборуваме за какво било оправдување или пак за размислување воопшто за амнестија на настаните“, беше дециден Андреја Стојковски, правник.

ВМРО-ДПМНЕ вчера излезе со иницијатива за итна и неодложна амнестија на учесниците во собраниското насилство на 27-ми април. Најавија дека партијата ќе поднесе амандман на Законот за амнестија или ќе предложи посебен закон за прекин на постапката и ослободување на овие лица. Прифаќањето на амнестијата, според ВМРО-ДПМНЕ, ќе придонесе кон помирување во Македонија и релаксирање на политичките тензии. Не го оправдуваат насилството, но сметаат дека делата на учесниците во собраниските инциденти се непосредливи со тешките кривични дела и убиства меѓу кои и петкратното кај Смилковско, а за кои како што велат, сторителите се на слобода или наскоро со политички договор ќе се најдат на слобода.

За собраниските инциденти, досега има само две првостепени пресуди. Едната е за деветмината кои добија условна казна за учество во толпа, а другата за Панче Ангелов, кој доби 4 години затвор за нападот на Шеќеринска.